Пандемиски муабети: Наталија Теодосиева и Ерина Богоева

Современата културна сцена не можеме да ја замислиме без нив. Две креативки во екот на нивните уметнички кариери, пријателки, современички, истомисленички...

Фото: Приватна архива на Наталија и Ерина

Актерката Наталија Теодосиева и фотографката Ерина Богоева отворено зборуваа за предизвиците и стравовите со кои се соочија, и уште се соочуваат во време на пандемија, како се смени и се менува пристапот кон нивните професии, што научија, што открија за себе и за другите.

Наталија и Ерина се интервјуираа една со друга под моето „будно око“, на најголемата можна дистанца – онлајн. Ова се нивните пандемиски разговори.

Наталија: Пред било што друго да ми кажеш и пред сѐ што сакам да те прашам, одговори ми на едно тешко прашање. Како си?

Eрина: Тоа е навистина тешко прашање. Сакам да кажам дека сум добро, бидејќи знам дека на многу луѓе им се случуваат потешки работи, но искрено не можам да кажам дека пандемијава не ми остава извесни лузни. Ама лузни како лузни, со добра грижа се надевам ќе избледат со време.

Искрено, сакам да те прашам и ти како си?

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Erina Bogoeva (@poison_grl)

Наталија: Фино, некако успевам да најдам баланс во секојдневието, кое, очигледно ми е многу поразлично од пред една година и многу далеку од тоа како сакам да ми изгледа. Ама баш како што кажа ти, на многу други цели животи им се сменија па овде ќе повлечам линија и ќе кажам дека фино се чувствувам зашто секојдневно пронаоѓам нови мини-хобија кои ме држат во динамика.

Кога веќе се разборувавме за последиците што пандемијата ни ги причини, што најмногу ти недостига во твоето секојдневие овие 12 месеци?

Фото: Ерина Богоева

Ерина: Мислам дека ми недостига најочигледното - луѓето. Уметноста и културата останаа достапни и во онлајн светот (иако и тоа е многу поразлично искуство), но сите оние изложби, претстави, концерти беа шанса да си на исто место со луѓе со кои делите слични вредности и интереси. Па моментално патам од недостаток на таа енергија.

Ама претпоставувам и тебе тоа ти фали - особено публиката на театарските претстави? Имаше една онлајн претстава („Иднината е приватна“), но какво беше тоа искуство во споредба со традиционални претстави?

Наталија: Да, ми фали сѐ што го сочинува театарот, ја чувствувам големата дистанца која не ми се допаѓа, дистанца од колегите, од сцената, од говорот на сцената и од публиката. Често си замислувам како ќе изгледа моето прво појавување на сцена после пандемијава и веднаш ме фаќа трема :)

„Иднината е приватна“ е едно искуство кое, на сите кои бевме дел во создавањето ни наметна трпение и истрајност. Иако првично требаше да се случи на сцена пред публика, пандемијата ни го смени ракурсот и на тоа патешествие наидовме на многу пречки ама и на доста интересни одговори и решенија. Кога требаше да се случи премиерата имав едно чудно чувство кое не беше ниту трема ниту страв, некое чувство на неизвеснот, веројатно затоа што бевме сами во сала. Ја немавме таа енергија која зрачи од очите на гледачот. Беше тивко, во исто време и спокојно, но неизвесно, навистина не знаевме што и како нѐ доживува публиката.

Фото: Ерина Богоева

Ерина: Овие искуства веројатно ќе ни помогнат да растеме понатаму како уметници, се надевам. Верувам дека годинава ни даде доста шанси за нови лекции во животот. Која мислиш дека беше твојата најголема лекција?

Наталија: Би било навистина залудно потрошено толку многу време, ако не научивме по нешто ново овие 12 месеци, ги тргам настрана вештините во кујна, дневна, троседофотељските манири и слични домаќински маратони, зборувам за нешто што рацете не можат да го обликуваат и нешто на што не можеш да си ја потпреш главата скролајќи на телефонот. Не знам дали ми се допаѓа, но моето време се успори, моето секојдневие пред пандемијата почна да наликува на културен хаос, сега потсетувајќи се, се прашувам како успевав во еден ден да направам толку многу работи и да отидам на толку различни места во градов. Мене тоа ми се допаѓаше, и ми недостасува. Не велам дека страдам поради тоа, напротив, се трудам да учам да бројам побавно, и да пливам  со новото темпо. Најдов некое трпение кое порано не ми значело ништо. Благодарение на тоа бавно време, во црните денови, ми се создаде една екипа на другари за која ќе бидам благодарна сѐ до деновите кога ќе седам во старечки дом, се надевам заедно со нив. Па така, веројатно лекцијата е многу подругарска и за другарите.  Другарите ме надополнуваат. Другарите го прават светот поднослив. Другарите ме инспирираат. А што е тоа тебе што те инспирира? Или, чии фотографии гледаш за да се напиеш? Постојат ли фотографи или фотографки пред чии дела молчиш?

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Erina Bogoeva (@poison_grl)

Ерина: Секогаш вака кога треба да одберам пред кое дело сум останала без здив се чувствувам ко елен пред фарови и се закочувам комплетно. Џабе ми е и мислење и скролање, тука ми е на врв на јазик, а сепак не сака да излезе. Знам дека поминував саати скролајќи низ Instagram и фото сајтови и често останував без коментар за многу фотографски дела кои ми поминаа „низ прсти“. Цела оваа година се восхитував на мои колеги кои најдоа исклучително креативни начини како да не го сопрат својот процес на творење, па и самата сум „виновна“ за активно користење на медиумот автопортрет за да искажам што ми се случувало мене во ова изолирано време. Единствениот поголем проект кој го завршив минатата година, беше „Бруталистичката музичка кутија“ со тебе и се чувствував како во него да ја исфрлив целата креативна енергија што ја бев собирала од минатиот март. Знам дека и тебе ти беше еден од ретките такви проекти лани, ама мислам дека убаво си поминавме?

Наталија: О да, и се сеќавам колку лесно и брзо завршивме. Прилично сме увежбани. Имаме слични сензибилитети и се надополнуваме. Мило ми е што успеавме да ја реализираме „Бруталистичката музичка кутија“ пред реставрацијата на Поштата, иако е руинирана и соголена, сепак има една убавина и една силина во тој објект, нешто што потсетува на загуба и на моќ истовремено. Те разбирам зашто го сакаш толку скопскиот брутализам, тој и скоро уништен ќе биде импозантен.

Фото: Ерина Богоева

Многу проекти имаме заеднички, не би знаела да кажам на колку твои  фотографии сум позирала до сеа 😃. Ги следам будно твоите дела, од оние кои ти се објавени на Instagram, оние кои се сместени во твојата книга,  па сѐ до оние кои уредно висат на ѕидовите во домовите на твоите блиски. Сепак, има ли нешто кое ужасно „ти лази“ на нерви во оваа професија?

Eрина: Искрено сум пресреќна со тоа како ни се имаат погодено сензибилитетите. Веројатно има доста во тоа што се восхитуваме на работата една на друга. Не памтам да сум гледала твоја изведба (без разлика дали на филм или во театар), а да сум останала рамнодушна. Едноставно знаеш да ја пренесеш публиката во оној свет кој го прикажуваш. Што всушност не е ни малку едноставно и говори многу за талентот и посветеноста која ја негуваш кон актерството. Едвај чекам да те гледам во твојот нов филм „Мими“ чие снимање се одвиваше годинава! Не ни можам да замислам како тоа изгледало во пандемија.

Ама секоја работа си има и лоши страни. Во мојава професија за сега сум наидувала на луѓе кои верувале во она што сум сакала да го прикажам, но се наоѓале и такви кои не ме оставале да бидам доволно креативна. Тоа мислам дека е единствената работа што знае да ме „пролази“ повремено, но не е ништо страшно. Со секој пробувам да најдам заеднички јазик и најчесто тоа е успешно. Како ти ги гледаш негативните работи кај тебе во професијата?

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Erina Bogoeva (@poison_grl)

Наталија: Се трудам што помалку да ги гледам како такви, во најмала рака ги игнорирам, ама не можам секогаш. Снимањето на „Мими” се одвиваше според сите протиколи, и покрај тоа понекогаш стануваше тензично, снимавме во мали простории каде е неопходно да има екипа од најмалку 5 до 6 луѓе, можам да кажам дека тука нервите ми беа полазувани, едноставно мораш да се соочиш со околностите и да функционираш.  И така низ годините набљудувајќи ги негативностите сѐ повеќе ја гледам тежината на уметничките професии, особено на изведбените. Веројатно тие нѐ прават посилни и помудри. Сепак, стојам зад тоа дека она што ни „лази” на нерви може и да нѐ направи посвесни во однос на тоа како ја „живееме” нашата професија.

Некако  баш се размудревме, а и речиси секогаш кога зборувам со тебе е така. Многу ти благодарам за овој муабет. Нешто за финале?

Ерина: Така е кога ќе ни тргне муабет :) За финале, знаеш - Мир во светот! Шегите на страна, искрено се надевам дека ќе има мир во светот, па муабетиве ќе можеме поубаво да си ги правиме во живо почесто. Верувам се сложуваш?

Наталија: Се надевам дека повеќето работи кои нѐ спојуваат ќе ги правиме во живо што поскоро. Дотогаш, чувај се.

реклама

Интересни факти кои веројатно не ги знаете за машкиот оргазам

Read more

Ѓоковиќ: Се чувствувам ужасно

Read more

Порно ѕвезда ги открива најголемите лаги за индустријата за возрасни

Read more

Американски дипломат дрогирал и силувал 23 девојки додека работел во амбасада во Мексико

Read more

Интервју

Кардула, првиот Македонец кој ќе дизајнира за Swatch: Ме препознаваат по стилот

Read more

Кајгана интервју со маестро Симон Трпчески

Read more

Пандемиски муабети: Наталија Теодосиева и Ерина Богоева

Read more

Кирил Марковски, национален Вело – крос шампион: Целам кон поголеми предизвици

Read more
 

Ново

Жителите на Њујорк од денеска добиваат 100 долари за прва доза вакцина

Читај повеќе
  • filter

28 фотографии што ќе ви го разубават денот

Читај повеќе

Пендаровски: Сè уште сме заробеници на минатото

Читај повеќе

Филипче: Не може да се претпостави дали вакцината ќе биде сезонска

Читај повеќе

Рецепт на денот: Бомбици со кокос

Читај повеќе

МВР: За пукање на свадби се предвидени и затворски казни

Читај повеќе

Pfizer започна со тестирање на вакцината кај деца под 12-годишна возраст

Читај повеќе
  • filter

Land Rover го претстави моделот Defender Trophy Edition

Читај повеќе

Ѓоковиќ: Се чувствувам ужасно

Читај повеќе