Румениге откри дека кога Пеп Гуардиола бил во Баерн сакал да направи експеримент играјќи го голманот Нојер како играч од средниот ред.
Жузеп Гуардиола го водеше баварскиот клуб две и пол години кога број еден голман му беше Мануел Нојер, познат по своите вештини со играњето со нога со какви што ретко кои голмани можат да се пофалат.
Карл-Хајнц Румениге, директорот на Баерн, откри дека каталонскиот стратег имал необична намера да го проба Нојер како играч од средината. Тоа сакал да го направи на еден од последните натпревари кога веќе Баерн ја имал осигурано титулата во Бундеслигата.
„Сѐ уште се сеќавам како Пеп, откако ја освои титулата, стана сериозен во идејата да го игра голманот во средниот ред. Едвај го разубедивме бидејќи повеќето од нас го сметаа таквиот чин за ароганција. Сепак, убеден сум дека Ману ќе одиграше добро во средината“, вели Румениге.
Пеп со Баерн освои три титули по ред во Бундеслигата (2013/14, 2014/15 и 2015/16), двапати германскиот Куп (2013/14 и 2015/16), еднаш УЕФА Суперкупот (2013) и еднаш Светското клупско првенство (2013) пред да премине во Манчестер Сити каде е и денес.