Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска достави обвинителен предлог против 31-годишен жител на селото Грчец за кривично дело загрозување на сигурноста од член 144 став 5 во врска со став 4, како и ставовите 1 и 2 од Кривичниот законик.

Обвинетиот по пат на информатички систем сериозно ѝ се заканувал на една оштетена дека кон неа ќе изврши кривично дело за кое е пропишана казна затвор од 5 години или потешка казна. Заканите ги упатувал поради нејзиниот општествен статус како новинарка, а во врска со вршењето на нејзините професионални задачи, кои ги презела во рамките на своите овластувања.
Со намера да ја вознемири и исплаши, тој упатувал заканувачки пораки кон новинарката преку лажен профил на една социјална мрежа барајќи од неа да избрише текст што го напишала и објавила, со што кај оштетената предизвикал чувство на загрозување, несигурност и страв.
По издадените наредби на јавен обвинител, МВР го идентификува сторителот на кривичното дело за кое, во согласност со Кривичниот законик, е запретена затворска казна од 1 до 5 години. Со ова, од вкупно пет регистрирани напади врз новинари и медиумски работници во текот на 2023 година за кои алармира Здружението на новинарите на Македонија, во три случаи сторителот е идентификуван и е поведена постапка. Од нив, во два предмета, врз основа на поднесените обвиненија, веќе е изречена и пресуда против сторителите на кривичното дело.