Во следните пет години, половина од сегашните работни места во средните и големите фирми на кои сега работат луѓе, ќе ги преземат машини.
Пандемијата на коронавирусот дополнително ќе ги забрза промените на пазарот на трудот и ќе ја зголеми нееднаквоста, се предвидува во извештајот на Светскиот економски форум и се предупредува дека ова може да создаде дополнителни нееднаквости
Во извештајот се наведува дека „роботската револуција“ создаде 97 милиони работни места ширум светот, но ќе поништи речиси исто толку, а некои заедници веќе ги има доведено во опасност од истребување.
Најзагрозени од автоматизацијата се мануелни работни задачи во администрацијата и обработката на податоци, објави Светскиот економски форум (WEF).
Но, се додава, ќе се појават нови работни места во здравствената заштита и нега, IT секторот (пред сè, развојот на вештачката интелигенција) и зелената економија.
Истражувањето на Форумот опфати 300 од најголемите компании во светот, кои вработуваат осум милиони луѓе ширум светот.
Повеќе од 50 проценти од анкетираните работодавци рекле дека очекуваат забрзување на автоматизацијата на некои работни места во нивните компании, додека 43 проценти велат дека досегашните работни места веројатно ќе ѝ отстапат место на технологијата.
WEF соопшти дека пандемијата co COVID-19 го забрзува усвојувањето на нови технологии бидејќи компаниите се обидуваат да ги намалат трошоците и да усвојат нови начини на работа.
Но, во истражувањето се наведува и предупредување дека работниците сега се соочуваат со двојна закана поради „забрзаната автоматизација и рецесијата предизвикана од COVID-19“.
„Овие работи ги продлабочија постојните нееднаквости на пазарот на трудот и условија позитивниот тренд на вработување по глобалната финансиска криза од 2007-2008 година сега да се сврти наопаку“, изјави Садија Захиди, генерален директор на WEF.
„Ваквото сценарио е нова пречка за работниците во ова тешко време“, рече таа, додавајќи дека има сѐ помалку можности за пресврт.
WEF соопшти дека во моментов околу една третина од сите работни задачи се реализираат со машини, додека луѓето работат на преостанатите места, но исто така и дека до 2025 година билансот ќе се промени.
Работните места кои се потпираат на човечки вештини, како што се советување, донесување одлуки, расудување, комуникација и интеракција, ќе стануваат сè побарани.
Исто така, би имало „зголемување“ на побарувачката за работници во зелената економија и нови работни места во области како што се инженерството и cloud computing.
Но, се наведува дека технологијата ќе замени милиони рутински или мануелни работни места, што ќе има најголемо влијание врз најниско платените и најмалку квалификуваните работници.
Беше истакнато дека милиони луѓе ќе мора да се преквалификуваат за да се справат со промената и дека ќе им треба значителна поддршка од нивните влади.