Polyphony Digital, креаторот на легендарната франшиза „Gran Turismo“, на 6 декември ќе ја лансира оваа игрица под насловот „My First Grand Turismo“, која е наменета за сите типови играчи, без разлика на возраста и возачките способности.
Програмерот ја приспособи игрицата да биде попријатна за почетници и ја дизајнираше да биде „подостапна и поимерзивна“. Компанијата сака да им даде можност на сите да ја совладаат механичката вожња во игрицата преку различни предизвици, да напредуваат со менување автомобили и патеки и да ги усовршат основните техники за тркање.
Почнувајќи од петок, 6 декември, играчите ќе можат да поминуваат време играјќи ја бесплатната игрица, додека на располагање ќе имаат три Race Event, три Time Trial и три Music Rally етапи. Исто така, игрицата го вклучува и „целосниот License Tests пакет“, а играчите ќе можат да возат 18 автомобили на најмалку три патеки. Станува збор за Kyoto Driving Park, Deep Forest Raceway и Trial Mountain Circuit. Меѓу автомобилите се Mazda RX-7, Mitsubishi Lancer Evo V, BMW M3 и други.
Игрицата ќе биде достапна за конзолите на Sony PlayStation 4 и PlayStation 5, додека сопствениците на PS5 ќе имаат и целосна VR2 поддршка.
Polyphony Digital најави нова игрица по повод прославата на 30-годишнината од конзолата PlayStation, која се појави на 3 декември 1994 година.
Првата игрица „Gran Turismo“ пристигна на оваа конзола во 1997 година.