Во време кога нашата земја и целиот свет се соочуваат со пандемија каква човештвото не памети, некои медиуми се обидуваат да привлечат публика и кликови со објавување стари вести за смртни исходи од COVID-19.
„Коронавирусот зема уште една жртва: Почина младо момче од Куманово без никакви претходни заболувања“, објави денеска порталот Press24.mk во 12:16ч.
„МЛАДО МОМЧЕ ОД КУМАНОВО ЖРТВА НА КОРОНАВИРУСОТ – претходно немал никакви други заболувања“, гласи насловот на текстот објавен денеска во 12:45ч на порталот „Курир“.
„Веста“ почнува со реченицата „Млад пациент на само 27 години од Куманово починал на Инфективната клиника во Скопје од ковид-19, потврдија од Министерство за задравство за МКД.мк.“, што води кон објава на MKD.mk од 31 октомври 2020, во 13:31 часот.
Ваквото неетичко работење не е новост за овие медиуми чии редакции не само што не ги почитуваат основните начела на новинарството, ами и предизвикуваат паника и вознемиреност кај јавноста во време на здравствена криза што веќе однесе многу животи кај нас и низ светот.
Да биде новинарската трагедија поголема, многу колеги ја пренесоа веста без да ја проверат и потврдат претходно.