
Неформалната група „Кој е следен?“ преку социјалните мрежи повика на мирен собир во 18 часот на плоштадот Македонија во Скопје на кој ќе им се оддаде почит на жртвите во пожарот во Кочани.
„Македонија повторно е завиена во црно. Уништени и во грч седиме пред екраните во исчекување на нова поголема бројка, во исчекување на нова поголема тага. 59 млади лица не го видеа денешниот ден. Дупло повеќе се во болници и тешко повредени. Ние, како и децата во дискотеката, сме повторно беспомошни и оставени сами на себе. Во овие траорни денови, Македонија треба да биде заедно. Треба да си бидеме рамо за плачење и треба да си дадеме еден на друг утеха, ако воопшто и можеме“, стои во најавата.
Оттаму повикаа на заедништво во ужасот и ги повикаа сите луѓе низ цела Македонија денеска во 18 часот да се соберат на плоштадите во своите градови и, како што рекоа, да не поминуваат низ ова сами.
„Повикуваме во чест на починатите да се поделат црни ленти, за како народ да покажеме дека згаснатите животи нема да бидат заборавени. Тек допрва ќе доаѓаат црните денови за нас, а низ Македонија заедно ќе се тагува и плаче. Така, ќе треба и Македонија заедно да се лечи“, се посочува во најавата за собирот.
Организаторите објаснуваат дека собирот треба да е мирен „затоа што состојбата во болниците е критична, а нашите херои се борат за спасување животи. Нашето присуство на улиците би ја отежнало нивната работа.“
„Ќе дојде време за протести на сите улици, но тоа време не е сега. Сега е време за сплотеност и грижа“, порачаа тие.
Вечерва во 18:00 на плоштад Македонија се собираме за заедништво и сочувство, за да се погрижиме едни за други во овие...
Posted by Кој е следен? on Tuesday, March 18, 2025