Принцот Вилијам предупреди за опасноста по менталното здравје на медицинските работници во Велика Британија кои луѓето ги нарекуваат „херои“.
Принцот Вилијам вели дека ваквите охрабрувачки зборови можат да бидат причина за дополнителен притисок врз здравствените лица кои секогаш ќе мора да бидат храбри и силни во јавноста.
„Мислам дека треба да бидеме внимателни со зборовите коишто ги користиме“, вели Вилијам.
Во текот на пандемијата, војводата од Кембриџ редовно комуницираше со медицинските работници. Рече дека е загрижен за тоа што на некои од нив им е тешко да разговараат за своите проблеми.
Тој, неколкупати спомена дека медицинските работници мора да се грижат за себе.
„Со право треба да ги сметаме за суперхерои, храбри и прекрасни, но тоа не е добро за нивното ментално здравје. Еднаш кога некој ќе ве нарече 'херој', секогаш ќе се чувствувате како под притисок да останете силни“, вели принцот Вилијам.