Денеска очигледно е денот за откривање детали за претстојните телефони на Samsung кои официјално ќе бидат претставени следниот месец.
Откако ги видовме рендерите и спецификациите на смартфоните на Samsung Galaxy S23 и Galaxy S23 Plus, дојде редот на Galaxy S23 Ultra.
Најдобриот модел од серијата мобилни телефони Galaxy S23 ќе има камера од 200 MP со новиот ISOCELL HP2 сензор, додека ќе се задржи ултрашироката и телефото камерата што се користи во Galaxy S22 Ultra. Сепак, претседателот на Samsung, Т.М. Рох, вети дека овие камери ќе имаат подобри перформанси.
Samsung ќе го лансира Galaxy S23 Ultra на европскиот пазар со процесор Snapdragon 8 Gen 2 во комбинација со 8 или 12 GB LPDDR5 RAM, но се поставуваат прашања зошто не е имплементирана поновата технологија LPDDR5X.
Уредот ќе користи 6,8-инчен 2X Dynamic AMOLED екран со резолуција од 1.440 p и густина на пиксели од 500 ppi. Екранот ќе биде заштитен со стакло Gorilla Glass Victus 2, кое е малку поцврсто од стаклото Victus+ што се користи за моделот S22 Ultra. Големината ќе биде речиси иста со едвај забележливи разлики во сите три димензии.
Galaxy S23 Ultra ќе се напојува со батерија од 5.000 mAh со поддршка за полнење од 45 W, исто како и неговиот претходник. Новиот паметен телефон ќе го користи оперативниот систем Android 13 со интерфејсот One UI 5.1, а ќе поддржува Bluetooth 5.3, Wi-Fi 6E и UWB конекција.
Презентацијата е закажана за 1 февруари, а Galaxy S23 Ultra ќе биде достапен во црна, виолетова, зелена и крем боја. Минатогодишниот модел чинеше најмалку 1.250 евра, па прашање е дали Samsung ќе ја зголеми цената или не.