Објавен е првиот официјален трејлер за акционата комедија Wolfs во која главните улоги ги толкуваат оскаровците Бред Пит и Џорџ Клуни.
Во филмот, Клуни глуми криминалец чија задача е да прикрие криминал од висок профил. Но, кога Пит, кој е ангажиран за истата работа, ќе се појави на местото на злосторството, двата „волци-самитници“ мора да ги здружат силите.
„Најсилното дуо“, „Двајцата се одлични“, „Конечно повторно се заедно“, „Клуни одамна не сме го виделе“, „Едвај чекам“, се само дел од коментарите под трејлерот.
Клуни и Пит имаат одлична хемија пред камера, а последен пат заедно соработуваа во 2008 година кога се појавија во филмот Burn After Reading. Заедно, тие глумеа во три дела од франшизата Ocean's Eleven.
Акционата комедија Wolfs ја режираше и напиша Џонатан Вотс, кој е најпознат како режисер на филмовите за Спајдермен на Marvel со Том Холанд во главната улога. Споредните улоги во филмот ги толкуваат Ејми Рајан, Остин Абрамс и Пурна Џаганнатан.
Wolfs ќе се појави во кината ширум светот на 20 септември 2024 година.