Екипата на Челси го победи Барнли во натпреварот од 21-то коло во Премиер лигата на Англија со резултат 2:0, што е прв триумф на германскиот стручњак Томас Тухел на клупата на „Сините“.
По нешто помирен почеток на натпреварот, Челси поведе на крајот на првото полувреме кога Сесар Аспиликуета ја претвори во гол асистенцијата на Хадсон-Одои. Прашањето за победникот го реши Алонсо во 84-та минута кога погоди по асистенција на Пулишиќ.
Ова е деветта сезонска победа на Челси и во моментов се наоѓаат на седмата позиција во Премиер лигата со 33 освоени бодови. Интересно е што денешната победа е прва за тренерот на тимот на Стемфорд Бриџ, Томас Тухел.
Од друга страна, Барнли по ова коло останува на 16-то место со 22 освоени бода, осум повеќе од Фулам кој е во зоната за испаѓање.
Во следното коло Челси игра против Тотенхем, а Барнли на домашен терен игра против Манчестер Сити.