Пред пенал рулетот помеѓу Италија и Холандија во полуфиналето на ЕУРО 2000 се водеше расправија помеѓу Франческо Тоти, Паоло Малдини и Луиџи Ди Бјаџо.
Малдини и Ди Бјаџо биле загрижени од одлуката на Тоти за тоа како ќе го шутира пеналот. Италија играше против кодомаќинот на првенството и по 0:0 по 120 минути игра следуваа пенали. Инаку, од 34. минута Италијанците беа со играч помалку поради исклучувањето на Џанлука Ѕамброта.
„Аѕурите“ шитураа први, а Ди Бјаџо беше сигурен. Потоа Франческо Толдо го одбрани ударот на Франк де Бур. Во втората серија Џанлука Песото зголеми на 2:0, за потоа Јап Стап да го изведе еден од најлошите пенали во историјата кога со надворешна ја дувна топката далеку над голот.
Дојде редот на Тоти.
Тоти до Ди Бјаџо: „Ќе го изведам во паненка стил“.
Малдини ги прекинува: „Сега? Во полуфиналето на ЕУРО и против Ван дер Сар?“
Тоти: „Да, било кога. Донесов одлука и ќе го добијам облогот“.
Малдини и Ди Бјаџо до Тоти: „Ти си луд. Ако промашиш, ќе те отепаме“.
Тоти се намести на белата точка да го шутира пеналот во третата серија и го изведе извонредно како што вети, обезбедувајќи ѝ на Италија водство од 3:0 и чекор до големото финале.
Патрик Клајверт потоа намали на 3:1, резултат кој стана конечен откако во четвртатта серија Малдини не го совлада Ван дер Сар, но потоа и Паул Босвелт не го совлада Толдо.
Во 2000 година, таков стил на изведување пенал не беше толку вообичаен како што е денес. Да, Чехот Антонин Паненка го направи тоа во финалето на ЕУРО во 1976 година, но тоа не беше нешто што се гледаше секој ден.