Хроника

Разрешен командирот на ПС Гази Баба поради сексуално вознемирување на колешка

20. јануари 2020 - 15:02 | МИА

Скопје, 20 јануари 2020 (МИА) – Kомандирoт на полициската станица од општа надлежност Гази Баба, при Сектор за внатрешни работи – Скопје, С.В (49) во текот на 2019 година во повеќе наврати, а последен пат на 07.11.2019 искористувајќи ја позицијата командир, сексуално вознемирувал полициска службеничка вработена во станицата со непристојни предлози кои на крајот резултирале со закана кон неа поради одбивање на предлозите.

До оваа констатација дојде Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со СВР – Скопје по добиено известување за сексуално вознемирување, кој во минатиот период ги изврши потребните проверки и изврши службени разговори со инволвираните лица во случајот.

– При извршените контроли од страна на Одделот за внатрешна контрола, уште две други полициски службенички вработени во полициската станица Гази Баба пријавиле дека на ист начин биле вознемирувани од страна на командирот,но со оглед на времето поминато од случување на овие настани постои апсолутна застареност за донесување решение за изрекување дисциплинска мерка, се вели во соопштението на МВР.

Истакнуваат дека е констатирано оти на 30.05.2019 С.В командир на Гази Баба не постапил согласно планот за контрола на службите во ПСОН Гази Баба, а притоа не изготвил службена белешка во која ќе ги образложи причините поради кои не е постапено. Истиот ден според МВР, командирот без да извести некој од претпоставените, со службено возило се упатил во с. Брњарци каде се задржал неколку часа.

– Со овие дејствија С.В. командир на ПС Гази Баба сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина, согласно одредбите од член  208 ст. 1 точка 3,4,10 и 14 од Колективниот договор на МВР за што од страна на Одделот до Началникот на СВР Скопје е поведена иницијатива за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и отстранување од работното место до завршување на постапката”, информираат од МВР.

Истовремено до ОЈО за ГОКК е доставено барање за координација за натамошно постапување.

Коментирај