Родово-засновано насилство во образованието: Кој е слабата алка во синџирот на одговорност?

Родово-заснованото насилство погодува милиони деца, семејства и заедници ширум светот. Тоа вклучува дејствија или закани за сексуално, физичко или психичко насилство извршени поради родови норми и стереотипи, и наметнати од нееднаква динамика на моќ. Во секоја земја и регион во светот каде што е проучуван овој вид на насилство се пријавени инциденти. Иако состојбата е полоша во земјите погодени од конфликт, родово-заснованото насилство е сеприсутно и ги надминува културните, географските и економските бариери.

Младите сè повеќе се изложени  на родово-засновано насилство во сексуално-афективните односи, и стабилни и повремени, а возраста на виктимизација се намалува. Ова неповолно животно искуство влијае на многу области од животот на младите, како што се образованието, социјалните односи и, особено, нивното физичко и ментално здравје, со последици кои може да бидат многу штетни на краток и долг рок.

Овој вид на насилство зазема уште подлабока димензија која се случува во рамките на образовниот процес, во училиштата кои треба да бидат безбеден простор за децата и младите. Врсничкото и родово-заснованото насилство имаат многу реални последици во животот на учениците, кои се движат од ниска самодоверба и депресија, до рана и несакана бременост и сексуално преносливи инфекции како што е ХИВ. Ова насилство, исто така, има сериозно влијание врз академските резултати, при што многу ученици избегнуваат одење на училиште, покажуваат резултати под својот потенцијал или целосно го напуштаат образовниот систем.

Превенцијата игра централна улога во напорите за искоренување и отстранување на основните причини за родово-засновано насилство. Младинската работа и активизмот за човекови права даваат важен придонес кон превенција, преку разни активности како работење на промена на ставовите или доведување во прашање на родовите улоги и стереотипи кои го прават родовото насилство прифатливо во општеството. Ова може да се направи преку организирање кампањи, обуки, меѓуврсничка едукација или со вклучување на димензијата за родова еднаквост во сите аспекти на образовните политики, како и преку обука на професионалниот кадар во училиштата за да можат да идентификуваат, да адресираат и да одговорат на родово-базираното насилство.

Уште една важна компонента е утврдување на размерите на проблемот: родово-заснованото насилство е тема на која ретко се дискутира, а податоците на локално или национално ниво често не се достапни или се нецелосни. Многу жртви избираат да не ги пријавуваат инцидентите, а одредени форми на насилство или не се регулирани со закон или правната разврска често изостанува или е без реални импликации за сторителите, што е дополнителна демотивација за пријавување на случаи.

Превенција и едукација – тоа се несомнено двете есенцијални состојки за справување со овој проблем, но кој е слабата алка во синџирот на одговорност и кога ќе почнеме да го вперуваме прстот прво во себе?

Отворањето на јавна дискусија е важен чекор

Во рамки на проектот „Response to anti-gender movements in North Macedonia”, поддржан од Фондацијата Kvinna till Kvinna, реализиран од страна на Коалиција МАРГИНИ, а спроведен во соработка со ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и LGBTI Equal Rights Association for Western Balkans and Turkey, на 6 мај годинава, во Јавна соба се одржа Јавен форум на тема „Родово-заснованото насилство во образованието“.

Со цел започнување на јавни дискусии за подлабоко промислување на родовата нееднаквост и родово-заснованото насилство, како децениски проблеми што се провлекуваат во образованието, форумот овозможи отворање простор за искажување на различни искуства од луѓето кои работат на овие теми.

Идејата на организаторите е преку овој тип на настани да се разбере потребата од комплементарност во создавањето на образовните политики, приемот на содржините од учениците и функционирањето на механизмите за справување и заштита на децата, и заеднички да се дојде до предлози за подобрување на досегашната динамика.

Првиот панел на форумот, што го модерираше Елена Петровска, програмска координаторка на Коалиција МАРГИНИ, беше на тема „Предизвиците врзани за родовата еднаквост во училиштата“, ги постави основите за една плодна понатамошна дискусија.

Катерина Колозова, научна советничка, редовна професорка и директорка на Институтот за општествени и хуманистички науки, како еден од панелистите, нагласи дека низ годините, иако имало голем интерес, процесот на институционализација на родовите студии бил бавен, а интеграцијата на ваков вид на едукација била формална и во пракса главно се потпирала на граѓанскиот сектор.

„На хартија, ги прифаќаме сите, а во пракса сме ксенофобни“, рече Колозова, додавајќи дека кај нас, генерално, „сè што е ново, прогресивно се дочекува на нож, а интелектуалната фела е конзервативна во приемот“ на ваквите идеи.

Истакнувајќи дека, со исклучок на воведувањето на деветтолетката, други круцијални реформи во основното образование сме немале 20 години, а во средното ниту една, Колозова заклучи дека кога станува збор за спроведување на политиките на дело, чекорите мора да се системски и дека очекува да се наидува на отпор.

Лука Павиќевиќ, претседател на Средношколскиот сојуз, најпрво ја потенцираше непосредната ситуација – дека е единствен меѓу панелистите од машки род, а дека и на самиот настан присуствуваат вкупно тројца мажи, наспроти мнозинството жени, кога се зборува на јавен форум за родово-засновано насилство. Тој го повтори ставот на Сојузот дека бараат постепено воведување на промените, како дигитализацијата на учебниците, додека со жалење констатираше дека се води „бедна дебата на социјалните медиуми“ што според него е „ретроградна состојба“.

„Потрадиционалното мнозинство не ги поддржува иницијативите за родова еднаквост“, смета Павиќевиќ.

Наведувајќи податоци од истражувања што покажуваат дека 50% од женските испитаници меѓу младите не знаат што е родово-засновано насилство, тој констатира дека загрижувачки проценти исто така не го идентификуваат, ниту го пријавуваат ваквото насилство. Претседателот на Средношколскиот Сојуз ја истакна потребата од едукација на младите од машката популација бидејќи токму тие се главно сторителите на врсничко насилство и родово-засновано насилство.

Наведувајќи неколку препораки за поттикнување промени, како воведување нови, порелевантни наслови во задолжителните лектири, Павичевиќ исто така ја истакна потребата од системски промени, додека истовремено се поддржуваат и охрабруваат „светлите примери“ меѓу наставниот и стручниот кадар во училиштата за разбивање на стигмите и поткрепа на менталното здравје на учениците.

Фото: КАЈГАНА

Во дискусијата од публиката се вклучи и Ирена Цветковиќ од Маргини која даде свој увид во темата:

„Прашањата за родова еднаквост во образование многу често ги јаде темата за насилство. Насилството е еден аспект на родовата еднаквост, за останатите често остануваме игнорантни. Работев на анализа на учебници за основно образование и ситуацијата внатре е страшна. Си реков, ова не е за правење анализа, ова не смее да биде во учебник. За каква родова еднаквост зборуваме? Тука основни начела на учебник не се исполнети. Во нашите учебници има еден интересен заеднички наратив, а тоа е претставување на розови светови. Бидејќи сме конзервативно, традиционално општество, нашите учебници презентираат нереални розови светови во коишто сè е прекрасно – имате мајка, татко, две деца, супер е сè, си одат на работа, се враќаат, мајката чисти, готви, таткото чита весник...“

Цветковиќ се осврна на фрапантната родова нееднаквост во репрезентацијата по основа на род во учебниците:

„Анализата што ја правев на учебниците покажа дека 90 наспроти 10% или 80 наспроти 20% се мажи во однос на жени застапени како автори. Да одиме понатаму, ликови во текстовите – уште поголема дискрепанца од 95 наспроти 5% на сметка на машки ликови. Главни ликови женски во текстовите речиси и да нема, нема жена наратор во текстовите... Понатаму одев во анализа на самите ликови: не се ни машките ликови апсолутни победници во овој систем, од момчињата се очекува постојано да победуваат, да бидат успешни, секогаш да бидат силни, да не плачат, да покажат херојство, да покажат храброст... На девојчињата, пак, овие работи им се дозволени – да имаат оддишка, да бидат ранливи, да издишат...“

Не можеме ние од корен да го смениме наставниот кадар, има таму и прогресивни, и конзервативни, ама можеме да создаваме генерации кои ќе научат критички да размислуваат и да ги отвораат и дискутираат овие теми во рамки на часот, рече таа.

Павиќевиќ се надоврза во контекст на „розовиот приказ“:

„Образованието има и една естетска димензија, односно треба да нè научи што е убавина – прогресивната убавина што нема да ја достигнеме уште многу години, и оваа традиционална убавина која не постои. Не треба да станува збор за некаква индоктринација, дека некаков вредносен систем треба да биде наметнуван. Меѓутоа, во оваа ситуација, она што според мене треба во ова наше општество треба да биде ‘убаво’ – индивидуа која има самоспособност, критичко размислување, знаење што се случува околу неа, да знае да разликува факт од фикција.“

Вели дека кога се соочени со тема што се покажува како тема што ја поделува јавноста и имаат или информација од учебник што е „во камен изделкана“ или „самостојно истражување на Google“, имањето став создава страв бидејќи не се навикнати системски, сите учесници, на преиспитување, на хипотеза, на нудење алтернативи.

Институционалниот одговор во зачеток

Панелистката од Министерството за образование и наука, Јаворка Ѓорѓиевска, соработничка за основно образование и училишен спорт, од старт нагласи дека имањето законска рамка за справување со насилство во училиштата е „голем напредок“ и веднаш укажа дека од 2020 година постои на Упатство за постапката за пријавување и заштита на ученик жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување, за кое рече дека „пред сè е превенција“, имајќи предвид дека во моментов, кадарот во основните училишта „не знае како да постапи во случај на насилство“.

Превенцијата и заштитата од насилство над деца бара мултисекторски пристап и соработка меѓу релевантните сектори, кои имаат еднаква одговорност и треба активно да спроведуваат мерки за заштита и превенција од насилство. Насилството над децата и меѓу децата е комплексен проблем, за чие решавање се неопходни стручни и сензитивизирани кадри во образованието, па затоа ова Упатство е изработено со цел да им се помогне на основните училишта во примена на посистематски третман и одговор кон насилството над и меѓу децата.

Ѓорѓиевска нагласи дека „имплементацијата на промените во пракса е предизвик“, додавајќи дека е од клучно значење и да се подигне нивото на свесност и едукација и на Просветниот инспекторат кој постапува по пријавите на случаи на насилство.

Упатството, кое, како што нагласи модераторката Петровска, не во духот не на санкции, туку во духот на едукација и превенција, е финализирано во 2020 година и училиштата имаа една година да ги имплеменираат промените, што беше попречено од пандемијата. Го поставивме прашањето на кој начин ќе се проверува и верифицира колку и како се спроведуваат тие промени и на кој начин би биле санкционирани наставниците, стручниот кадар во училиштето доколку истите не се спроведат, имајќи предвид, дека, како што сама кажа Ѓоргиевска, зацртаните концепти не ги даваат предвидените резултати.

„Упатството што е дел од Подзаконскиот акт за основното образование детално е предвидена постапка за пријавување, како и плановите на кој начин ќе се работи со жртвата и на кој начин ќе се работи со сторителите. Превидени се обуки за наставниот и стручниот кадар, тие беа попречени од пандемијата па тоа е нешто на кое секако ќе треба да работиме“, објасни Ѓорѓиевска.

„Во Стратешкиот план од 2022 до 2024 година станува збор дека треба да се работи на она што го спомнавте, дали постои методологија или систем на прибирање податоци и на кој начин ќе се евалуираат успесите од стручното Упатство. Ние во моментов сè уште немаме методологија и систем на прибирање податоци, без разлика дали станува збор за врсничко или родово-базирано насилство“, вели таа.

Игнорантност и арогантност – и двете се пречка

Форумот продолжи со вториот панел, „Справување со и заштита од родово-заснованото насилство во училиштата“, што го модерираше Теодора Столевска, извршна директорка на МОФ, во кој беа споделени бројни индивидуални искуства, како и податоци од истражувања спроведени со млади, што разгоре здрава и плодна дискусија со панелистите и присутните.

Мери Цветковска, проектна координаторка за сексуално образование и млади во ХЕРА – Aсоцијација за здравствена едукација и истражување, сподели фрапантни статистики од истражувања што укажуваат на зголеменото ниво на стрес и анксиозност меѓу младите, особено во периодот на пандемијата, кога исто така бил зголемен и степенот на родово-базирано насилство во домот. Цветковска истакна дека ЛГБТИ младите често се жртви на насилство, особено девојчињата и девојките, додавајќи дека сајбер насилството исто така зема замав бидејќи интернетот не е безбеден простор за младите кај нас. И во случајот на сајбер насилство, девојките се пак почесто жртвите, а момчињата сторителите.

Таа нагласи дека според нејзиното искуство, училишниот кадар и полицијата не препознаваат и не уважуваат родово-засновано насилство врз жените и поентираше дека единствен начин за и самите млади да го препознаат ваквото насилство е сеопфатното сексуално образование (ССО). Цветковска сподели дека забележале драстични разлики по спроведувањето на пилот-програмата за ССО, истакнувајќи го значително подобрениот успех на учениците во овие паралелки. Таа наведе дека над 90% од децата, особено машките, имале зголемено ниво на знаење за родово-заснованото насилство, а кај девојчињата бил зголемен интересот за информирање.

„ХЕРА има младински центри кои нудат бесплатна психолошка поддршка и сега имавме брутално кратење на тие фондови преку кои функционираат овие центри“, нагласи таа.

„Во помалите места имаме многу убава средина, тоа морам да го признаам. Бидејќи во скопската средина ароганцијата е на високо ниво и (професорите и стручните служби) мислат дека се многу сензибилизирани. Имаме многу работа. Треба да почнеме од стручните служби, од професорите, со младите, да има многу работа кај нив, но тие се на почетоците и тие сè уште не се дезинформирани колку што се нивните професори, педагози и психолози. Имавме случај со едно училиште во ромска заедница каде ние еден месец работиме да ги научиме кои се нивните права, зошто се еднакви со останатите, за да дојдат до таа безбедна средина што одвај ја обезбедивме, за да се случи самиот психолог да влезе и да каже нешто што нам ни требаше прво време да се соочиме со реалноста дека психолог изговара такво дискриминирачко нешто кон својот ученик, второ дека го кажува пред сите останати и трето дека откако ние ќе си заминеме таа ќе продолжи таму да работи. Дополнително, во најцентарско школо сме имале уште побрутално искуство кадешто додека седам со психолог на состанок, вработена која ги има сите услови, просторија во која работи сама, каде доаѓа девојче со паничен напад и пред мене почнува директно да ја советува, да ѝ прави интроспектива за тоа што ѝ се случувало дома, да ме инволвира мене во нешто во кое јас како надворешно лице не смеам да бидам инволвирана.

Пак ќе кажам, во помалите средини има многу работа, но таму не поаѓаат од оној став дека знаат сè и оставаат простор да научат нешто ново. Ние повеќе проблем сме имале со егата и ароганцијата на скопските училишта.“

Фото: КАЈГАНА

Фросина Ивановска, психолог во Женскиот центар за поддршка – Скопје на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, го почна излагањето со констатацијата дека жената жртва на родово-базирано насилство се става во ризик ако не било идентификувано и санкционирано насилството како такво.

„Тешко се менуваат уверувањата. Се зацврстуваат впечатоците дека самите (жртвите) направиле нешто погрешно, што се одразува на идните релации на лицето, особено партнерските“, вели Ивановска и додава дека е многу важно како е организирана поддршката за овие жртви и каков ќе биде односот на моќ.

Исто така, кога станува збор за насилство меѓу младите, многу е важно точно да се именуваат нештата, кога не станува збор за расправија или несогласување, туку форма на насилство.

„Процес е да се види и да се излезе од насилството“, вели Ивановска, нагласувајќи дека процесот е потежок со девојки кои се соочуваат со повеќе ризик-фактори.

Светол пример меѓу стручниот кадар кога станува збор за поддршка на младите е Гордана Блажеска Спиридонова, психолог во гимназијата „Никола Карев“, долгогодишна соработничка вклучена во Програмата за мировно образование на Првата детска амбасада во светот – Меѓаши. Таа веднаш побрза да нагласи дека кај нас „секогаш затајува практичната примена“ на законите и мерките.

„Појма немаме, ни психолозите, ни родителите, што се случува со децата. Кај родителите има страв дека ако пријават несоодветно однесување, тоа ќе се остави последици и ќе се одрази негативно на академскиот успех на детето“, рече таа, додавајќи дека како постои отпор кај колективот кој поединци професионалци кои ги туркаат ваквите напори.

Блажеска Спиридонова сподели лични искуства и резултати од интерни неформални анкети со учениците, кои сведочат за зголемена анксиозност и панични напади кај децата, и основно непознавање на формите на насилство.

„Кодексот на молк е страшно распространет меѓу младите“, вели таа, особено кога станува збор за насилство во партнерските односи, каде сексуалното насилство понекогаш доаѓа пред сексуалната подготвеност.

Кај родителите и наставниците поразително ниско е нивото на препознавање на различните родови идентификации и сексуални ориентации.

„Се чувствуваат вредносно предизвикано“, вели психологот која важи за професионалец чија врата е секогаш отворена за децата.

„Ние, инспирираните поединци сме сметани за негативци“, вели Блажеска Спиридонова и додава дека „сме во состојба на системско негирање“.

„Јас сум само 16 години во образование, има колеги и колешки што се во ова подолго од мене. Мојата перцепција е дека директорите сметаат дека стручните соработници треба да бидат администратори, а не да го работат тоа што треба да го работат. Реално, на моменти, како што кажа Ана, привилегирани сме што доаѓаат децата на советување, за разговор, за барање помош и поддршка. Тие еднаш кога ќе научат дека вратата е отворена, за сè живо ќе дојдат и ќе прашаат и верувајте некогаш главата ми е како топка. На толку многу различни работи треба да одговорам, а ако на тоа треба да додадам и е-дневник... Не го кажувам ова како жалање, но кратко е работното време за да се завршат сите овие работи. Стручниот соработник може да биде многу поефикасен кога ќе биде ослободен од административната работа. Искрено, мислам дека е многу различна перцепцијата на сите структури коишто се дел од образовниот систем за тоа која треба да биде улогата на стручните соработници -  можеби е појасно за педагогот, а особено нејасно за тоа која е улогата на психологот – почнувајќи од директорите кои те земаат како банер, како штит кој ги штити од сè друго. Треба да се штити и имиџот на училиштето, а стануваш негативецот кога за овие работи отворено зборуваш. Мене не ми пречи административната работа. Не ми пречи да го администрирам процесот, ќе го заборавам ако не го ставам на хартија, нема да можам ни да го евалуирам, но треба да се појасни... бидејќи ако не помогнат надлежните институции, директорите ќе нè користат како администратори.“

Ана Попризова, психотерапевт и супервизор по Гешталт психотерапија на Институтот „Синергија“ и психолог во гимназијата „Орце Николов“, се надоврзува дека наставниот кадар не препознава родово-засновано насилство и често учествува во етикетирањето.

Нејзините интерни анкети со учениците покажуваат 40% од младите не препознаваат што е контролирачка релација во партнерските односи.

Според неа, формата и методите за заштита и превенција на младите од насилство низ годините се менувале, но едно останува исто: Поддршка!

Попризова, која исто така важи за психолог „со отворена врата“, ја потенцира потребата од безбеден простор во кој младите ќе можат да пристапат со проблем и каде ќе знаат дека ќе бидат слушнати и заштитени.

„Колку е нашиот училиштен простор безбеден простор? Немаме услови за гарантирано безбеден простор каде детето ќе се чувствува сигурно“, вели Попризова, надоврзувајќи се на коментарот на Блажеска Спиридонова дека стручните служби најчесто работат делејќи една канцеларија.

„Мора да се задоволат елементарните услови за приватност. Местото за директен контакт со учениците е клучно за поддршка и помош.“

Таа продолжува со елаборирање на дилемата во која неправедно се ставени.

„Кога имате адимистративно барање на кое морате да одговорите до 2 или до 3 часот, а на врата ви доаѓа дете со кое вие веќе сте направиле контакт, тоа дете дошло и вие му викате: ‘Извини, не можам денеска’ бидејќи ја пополнувате табелата којашто може било кој да ја пополни. И потоа цел викенд не спиете, заради тоа што си викате: ‘Ако ова дете дојде денес, можеби јас му бев денес тој систем на поддршка што му требаше, а јас детето не можев да го примам.’ За тој тип на админстрација што е непотребен, ова електронско пополнување што секој со сетило за вид може да го регистрира... Ние сме во таква ситуација, да мораме да правиме секојдневно проценка на приоритети, а треба детето да ни е приоритет без ние да мора да размислуваме и воопшто да имаме дилеми.“

„Мора да ѝ се помогне на стручната служба да им помага на децата. Оптоварени сме и со административна работа“, додава Блажеска Спиридонова.

Решение има, но потребни се здружени сили

„Се надевам дека нема да се пензионирам пред да се имплементира вакво Упатство и за средното образование. Сега засега, постоечките законски документи како да се намерно магловито направени, за кога сакаш да се повикаш на нив викаат ‘ама тоа го нема’ или ‘не е така дефинирано’. Значи, плесни им го документот на толку видлив начин, на толку различни места, на наставничкиот совет... ама да се бараат сите можни илустративни начини за да се мавта со вакви документи и да се забрза имплементацијата, за да може насилството пред сè да биде препознаено, па потоа и решено. А потоа резултатите од евалуациите да се повеќе достапни пред институциите за да може да ги користиме како алатки за зголемување на свесноста за родово-заснованото насилство“, вели Блажеска Спиридонова и продолжува со елаборација на реалноста во пракса:

„Ние, без оглед што се жаламе, имаме многу повеќе алатки и можности за справување на располагање, отколку, на пример училиштата надвор од Скопје. Токму преку Меѓаши, тие преку Мировното образование направија една убава мрежа на училишта што ги обучуваат наставниците и стручниот кадар за решавање на конфликти, на пример. Колегите, оние коишто се сензитивизирани, знаат да ме прашаат што правам во конкретна ситуација, како постапувам, а јас сфаќам дека тоа што јас го нудам како алатка тие го немаат на располагање, ништо од тоа не можат да искористат. Ниту ќе го одобри директорот, ниту ќе реагираат родителите, немаат таму опции како да се справуваат со вакви ситуации и уште поголемо ќе биде премолчувањето, а оттаму веќе и насилството“, поентира таа.

На прашањето како да им се помогне на учениците кои ќе побараат помош, особено младите во ризик, панелистите имаа обединет став: превенцијата и едукацијата се клучни за справување со проблемот на родово-засновано насилство. Едукација и превенција кај децата преку ССО, а наставниците и стручниот кадар, како и инспекторите на Просветниот инспекторат, да се доедуцираат, сензитивизираат и обучат како да им помогнат на децата. Едукацијата и на родителите е важна, особено во случаите во кои жртвата е потребно да биде упатена да добие советување и психолошка помош надвор од училиштето, за што е потребна родителска согласност.

„Сите треба индивидуално да работиме на себе, пред сè“, вели Цветковска на прашањето од каде треба да почнат промените.

„И само да апелирам, дека ако сега не го одбраниме ССО, во следните 10 години нема да го имаме како опција. Родителите ни дадоа согласност за ССО. Отидовме во четири училишта кадешто требаше да се пилотира, прво имаше страшен отпор и тоа беше непоимливо. После пристапивме со лице-в-лице средби кадешто лично на секој родител му кажавме за што станува збор, им ги покажавме материјалите и потоа имавме друга ситуација кадешто немавме толку капацитети и наставници колку што имаше интерес децата да слушаат ССО. Сè што треба е преку лични приказни, преку лесен, разбирлив, нетенденциозен јазик, да им се објасни на родителите, да го почувствуваат тоа блиско и на крај да сфатат дека - а и истражувањата тоа го покажуваат - дека во најголема мера и тоа како сакаат детето да учи ССО, а особено поради аспектот на насилство, бидејќи секој од нив се соочил со нешто такво.“

Цветковска сподели искуство со родител со кој илустрираше дека ССО е чекор во вистинската насока.

„Нема никогаш да заборавам цитат од една албанска средина, една мајка во Чаир рече: ‘Тоа што јас сум хомофоб и тоа што јас не сум океј за темиве не значи дека треба да го осудам и моето дете да биде како мене’. Тие си ги сакаат децата и сакаат сè најдобро за своите деца и во тоа силно верувам.“

На потребата од решение на национално ниво се осврна Блажеска Спиридонова:

„Искрено, ни недостигаат национални програми, како да не знаат да ги изработуваат на ниво на држава. Значи, национални програми кои ќе ги вмрежат сите институции, кои ќе ја поврзат законодавната компонента, кои ќе ја поврзат евалуативната компонента, во кои дел од мисиите и целите ќе биде одржливост на таа програма.

„Ние тука во тој дел не можеме да се договориме. Ако нешто не се направи за ССО нема да го имаме на располагање.... и тоа во какво време? Господ знае што сè гледаат децата на интернет навечер на нивните компјутери! Така што, без таква национална програма со која државата ќе покаже пред народот дека има перцепција кои се потребите, кои се недостатоците и како работиме на тоа, сите овие напори се инцидентни, до нив ќе имаат пристап една генерација на деца, можеби уште една по три години, а останатите ни се дупката која ќе си продолжи  по овој концепт на кој ние сега се жаламе. Без оние кои ги креираат политиките ништо не можеме да направиме, само ќе си се жаламе.“

реклама

Зошто треба да ставите алуминиумска фолија зад рутерот?

Read more

Едноставен и брз метод: Белите патики повторно ќе изгледаат како нови

Read more

Голем месечен хороскоп за април 2024: Ретрограден Меркур им ги мрси конците на неколку знаци

Read more

Како е поврзано пиењето кафе со ракот на дебело црево?

Read more

Теми и коментари

Зошто театарот ни е потребен повеќе од кога било?

Read more

Моќта на гласачкото ливче: 5 причини зошто треба да гласате

Read more

8 Март и ослободувањето на жената – моќните приказни на жените од Македонија

Read more

Дрво по дрво: Кој ги убива белите дробови на Македонија?

Read more
 

Ново

  • filter

Поглед во специјалниот Rolls-Royce Lineo D'Oro на Mansory

Читај повеќе

Донесено упатство за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори

Читај повеќе

Три лица искасани од кучиња скитници во Скопје

Читај повеќе
  • filter

Четири одлични совети: Слабеењето може да биде успешно и без одење во теретана

Читај повеќе

Калафјори: Татко ми го презира Јувентус, а јас го почитувам татко ми

Читај повеќе

Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел

Читај повеќе
  • play_arrow

Поради бројни повреди Јапонија официјално го затвори некогаш најбрзиот ролеркостер во светот

Читај повеќе

Герасимовски: Конечно, Работнички се враќа на шампионските патеки

Читај повеќе

Тешка сообраќајна несреќа во Кичево: 3 млади лица го загубија животот, има и тешко повредени

Читај повеќе