МВП-то на последното Европско првенство, фудбалерот на Манчестер Сити, Родри, се осврна на зголемувањето на обемот на работа на фудбалерите, а не ја исклучи можноста тој и неговите колеги да преземат радикални мерки.

Елитните клубови се соочуваат со повеќе натпревари од кога било, пред сѐ поради новиот формат на Лигата на шампионите, но и проширувањето на различни натпреварувања како што е Светското клупско првенство, кое е проширено со 32 тима од следното лето, а тимот на Пеп Гуардиола ќе учествува на ова натпреварување.
На прашањето дали играчите размислуваат за можен штрајк поради промени во календарот, 28-годишникот одговори:
„Мислам дека сме блиску до тоа. Ако вака продолжи, нема да имаме многу избор. Тоа навистина нѐ загрижува. Ние сме тие кои страдаме“, потенцираше Родри на прес-конференцијата пред утрешниот натпревар со Интер.
Поранешниот играч на Виљареал и Атлетико уверува дека има консензус меѓу играчите во врска со промените.
„Лесно е да се прифати дека тоа е општ став. Ако прашате кој било играч, ќе ви го дадат истиот одговор“, тврди Родри.