Специјалниот денеска го слави својот јубилеен 60-ти роденден, а Рома успеа со едно навистина прекрасно видео да му го разубави денот.

Жозе Мурињо ѝ донесе трофеј на Рома по цели 11 години пост откако минатата сезона ја освои Европа конференциската лига. Воедно сезонава тимот под негово водство се бори да заврши во првите четири на табелата и по 4 години Рома повторно да влезе во европската елита, Лигата на шампиони.
Видеото кое Рома го објави на социјалните мрежи почнува со доаѓањето на Мурињо во Вечниот град во 2021 година и продолжува со прославата во Тирана, каде минатиот мај беше финалето на Европа конференциската лига.
Португалскиот стратег со „Волчицата“ потпиша тригодишен договор кој на „Олимпико“ гарантира престој до 2024. Уште од неговото доаѓање меѓу навивачите постои огромен ентузијазам, кој ден денес не е намален, за што говори и посетата на домашните натпревари - „Олимпико“ беше распродаден на последните 19 натпревари во Серија А.