Рускиот државен истражувачки институт Гамалеја во Москва планира да започне тестирање на вакцината против коронавирусот на деца на почетокот од 2021 година.
Според директорот на центарот, Александар Гинцбург, Институтот никогаш не спровел тестирање на деца.
„Почнавме со подготовка на пакет мерки бидејќи Институтот никогаш не спроведе тестирање на деца. Педијатарите ја познаваат таа специфичност, затоа заедно со нив подготвуваме документација што ќе ја поднесеме до Министерството за здравство за да можеме да спроведеме тестирање на деца, но дури откако ќе ги завршиме сите тестирања на возрасни“, објасни Гинцбург.
Тестирањето на деца ќе почне во зима бидејќи третата фаза на тестирање на вакцината против SARS-CoV-2 трае околу 5 месеци. Во таа фаза учествуваат 2.000 пациенти.
„Се надеваме дека вакцината ќе биде погодна за деца, но според рускиот закон вакцината може да се тестира на деца дури откако ќе мине комплетниот циклус тестирања на возрасни. Затоа, откако ќе ја завршиме третата фаза ќе биде дозволено тестирање на млади под 18 години“.
Според Вадим Тарасов, директор на Институтот за медицина и биотехнологија на Универзитетот „Сеченов“, рано е да се зборува за употреба на вакцини кај деца бидејќи најмладите не спаѓаат во ризична група и полесно ја поднесуваат болеста COVID-19.