Пo објавувањето на новата серија документи за Џефри Епстин, некои гледачи почнаа да тврдат дека една епизода од серијата The Simpsons (Симпсонови) од 2000 година впечатливо потсетува на случајот со Епстин, сексуален престапник кој со години тргувал со малолетнички и собирал богати и моќни луѓе на своите приватни острови за секс забави.
Епизодата што повторно привлече внимание е насловена The Computer Wore Menace Shoes и го следи Хомер кој го открива интернетот и под псевдонимот г-дин Х започнува трач-блог. Откако информациите престануваат да му доаѓаат, тој почнува да измислува приказни, но една од нив се покажува како вистинита, поради што моќни луѓе го киднапираат и го носат на изолиран остров. Таму, Хомер ја предупредува јавноста дека „морничави изроди на некој остров“ тајно владеат со светот.
Гледачите сега ја поврзуваат приказната со приватните острови на Епстин, Литл Сент Џејмс и Грејт Сент Џејмс, познати како Епстин Ајленд, каде што, според судските документи, се случила злоупотреба на малолетнички.
На социјалните мрежи се појавија коментари како „Симпсонови беа првите што го предупредија светот за досиејата на Епстин“ и „Симпсонови нè предупредија за тоа што се случува на островот“, што предизвика масовно споделување и повторно гледање на епизодата, објави Unilad. Сепак, во коментарите се наведува и дека епизодата всушност е само пародија на серијата од 1960-тите The Prisoner.
Дополнително внимание привлече фактот дека името на креаторот на серијата, Мет Гронинг, се споменува во документи од Министерството за правда на САД, а жената која го обвини Епстин, Вирџинија Џофра, во своите мемоари тврдеше дека Епстин ја принудил да се сретне со него за време на лет со приватен авион.
Сценаристот Ал Џин објасни дека станува збор за статистика: кога пишувате стотици епизоди, некои неизбежно ќе се совпаднат со реалноста со текот на времето.
Можете да ги гледате The Simpsons на платформата Disney+.