Иако понекогаш изгледа дека најголемите филмски ѕвезди никогаш не треба да грижaт за работа, тоа најчесто не е точно, а Гари Олдман не е исклучок. На почетокот на 2000-ите, по тешки животни околности и развод, актерот се соочи со сериозно преиспитување на приоритетите. Тогаш токму две големи филмски франшизи – Harry Potter и Batman, станаа негов спас, пишува Far Out Magazine
Додека професионално беше на врвот, животот на Олдман во приватната сфера беше сè, освен стабилен. Меѓу 1987 и 2001 година, три пати се ожени и разведе. По разводот од Донје Фиорентино, со која има два сина, судот му додели целосно старателство.
Разводот беше тежок и медиумски следен бидејќи актерот беше обвинет за семејно насилство, но обвиненијата подоцна беа отфрлени. Фиорентино на крај доби само пристап до децата со надзор. Олдман тогаш се најде во ситуација да, покрај родителската одговорност, мора да најде начин да ја одржи кариерата, а да не отсутствува од животот на своите деца
Во интервју со Дру Баримор, Олдман искрено зборуваше за тој пресврт во животот: „На 42 години се разбудив разведен и имав старателство над момчињата.“
Додаде дека тоа му било исклучително тешко поради промените во филмската индустрија. „Тоа само по себе беше тешко бидејќи дојде до промена во индустријата, каде многу продукции се снимаа во Унгарија, Прага, Австралија... Одбив многу работа.“
Токму во тој момент пристигнаа понуди кои му го променија животот.
„Благодарен сум за Хари Потер. Ви велам, тие два филма – Бетман и Хари Потер, навистина ме спасија бидејќи значеа дека можам да работам најмалку за најмногу пари и потоа да бидам дома со децата.
Помeѓу 2004 и 2008 година Олдман се појави во седум филмови, од кои пет беа поврзани со тие две франшизи. Во Хари Потер го толкуваше Сириус Блек, додека во Нолановиот Batman ја оживеа улогата на Џим Гордон.
Благодарение на ангажманот со студиото Warner Bros., Олдман можеше поголемиот дел од времето да го поминува во Обединетото Кралство, близу своите деца, и во исто време да работи на престижни проекти. Иако тие улоги му донесоа и светска слава, за него значеа многу повеќе – можност да остане присутен татко.