Хоррор-комедијата Gremlins („Гремлини“), која ја запозна публиката со суштествата Могваи и го прослави симпатичниот Гизмо, добива трет филм, цели 38 години по претходното продолжение.
Оригиналниот филм од 1984 година постигна голем комерцијален успех и со текот на времето се здоби со култен статус.
Warner Bros. соопшти дека премиерата на Gremlins 3 се одложува од 19 ноември 2027 година за 6 октомври 2028 година. Заедно со новиот датум на прикажување, беше објавена и краток тизер во кој се појавува Могваи. Ова ќе биде првиот игран филм во франшизата по Gremlins 2: The New Batch (1990). Иако Џо Данте ги режираше првите два филма, тој нема да биде вклучен во новото продолжение.
Warner Bros. сè уште не ја објави причината за одложувањето на премиерата за речиси една година. Новиот датум во почетокот на октомври го позиционира филмот непосредно пред сезоната на Ноќта на вештерките, што одговара на неговиот спој од хорор и комедија. Интересно е што оригиналниот филм – чие дејство се одвива за време на празниците – често се поврзува и со божиќните филмови.
Третиот филм носи голема промена зад камерата. Крис Колумбус ја презема режијата; тој го напиша сценариото за оригиналниот Gremlins од 1984 година. Колумбус подоцна режираше низа големи хитови, меѓу кои Home Alone, Mrs. Doubtfire и првите два филма за Хари Потер.
Хана Маркс работи на тековната верзија на сценариото, кое се заснова на претходен нацрт напишан од Колумбус, Зак Липовски и Адам Б. Стајн. Липовски и Стајн се познати по нивната работа на хорор-филмот „Dead Rising: Watchtower“.
Стивен Спилберг исто така се враќа на проектот и повторно ќе биде извршен продуцент. Меѓу продуцентите се Кристи Макоско Кригер и Холи Барио од Amblin Entertainment, како и Крис Колумбус, Мајкл Барнатан и Марк Редклиф од 26th Street Pictures.
Деталите за дејството и информациите за актерската екипа сè уште не се објавени. Премиерата на Gremlins 3 е закажана за 6 октомври 2028 година.