Мајкл Даглас, наградуваниот актер и продуцент, објавува мемоари со наслов „One Helluva Ride“ (Една неверојатна животна приказна), во кои зборува за своето семејство, кариерата и соочувањето со минатото.
Книгата излегува во вторник, а Даглас во неа пишува за снимањето на некои од неговите најпознати филмови, вклучувајќи ги Basic Instinct, Fatal Attraction, Falling Down и Romancing the Stone.
Посебно место е посветено на двата филма што му донесоа Оскар: One Flew Over the Cuckoo's Nest, за кој ја доби наградата како продуцент на најдобар филм, и Wall Street, во кој улогата на Гордон Геко му го донесе Оскарот за најдобар актер.
Даглас, кој неодамна наполни 82 години, во мемоарите го опишува своето семејство како призма низ која го согледува сопственото наследство. Книгата ја започнува со изразување благодарност кон семејството.
Во интервју во еден хотел на Менхетен, тој се присети како неговиот татко, Кирк Даглас, одговарал на прашањето дали е љубоморен на успехот на својот син.
„Често го прашуваа татко ми: ’Кирк, дали си љубоморен на својот син?‘ А тој одговараше: ’Љубоморен? Тоа е чувство на бесмртност – континуитет на генерациите‘“, се присети Мајкл Даглас.
Книгата опфаќа и болни аспекти од неговиот живот: борбата да изгради идентитет одвоен од оној на неговиот славен татко; детството одбележано со насилство и развод; сопствениот развод од првата сопруга Диандра Лукер; борбата со зависноста; како и проблемите со кои се соочил неговиот син Камерон Даглас, кој поминал седум години во затвор поради обвиненија поврзани со дрога. Иисто така ја спомнува и дијагнозата за рак на јазикот во четвртиот стадиум, поставена во 2010 година, за која првично мислел дека ќе биде фатална.
Зборувајќи за својот татко, Даглас рече дека како момче го доживувал речиси како натчовек.
„Гледав на татко ми како на Супермен. Беше толку динамичен. Беше толку силен“, рече тој, додавајќи дека долго време не верувал оти може да биде човек каков што бил неговиот татко. Даглас денес вели дека е задоволен од својата кариера и од животот што го има со Кетрин Зита-Џонс, со која е во брак од 2000 година. Сепак, во книгата не ги избегнува сопствените грешки, вклучително и периодот пред да се запознаат, кога, според негово сопствено признание, се гледал со пет жени во различни градови.