Дваесет години откако The Devil Wears Prada ги освои кината, Мерил Стрип и Ен Хатавеј се враќаат во суровиот свет на високата мода и канцелариските интриги.
По краткиот тизер пред два месеца, 20th Century Studios објави целосен трејлер за The Devil Wears Prada 2 кој нуди подетален поглед на долгоочекуваното продолжение, чија премиера е закажана за 1 мај, пишува Variety.
Продолжението ќе ја следи Миранда Пристли (Стрип), главна уредничка на списанието Runway, додека се соочува со падот на печатените медиуми и се обидува да го најде своето место во индустријата што изумира. Пристли доаѓа во конфликт со Емили (Емили Блант), нејзината поранешна асистентка која оттогаш стана моќна извршна директорка на луксузна групација, чии пари за рекламирање очајно ѝ се потребни.
Потсетуваме дека оригиналниот филм ја следеше тазе дипломираната Андреа Сакс (Хатавеј) која бара работа како новинарка во Њујорк. Таа е ангажирана како помлада асистентка на моќната уредничка Пристли и наскоро се наоѓа во ситуација каде што е тешко да ги балансира работата и приватниот живот, што ги загрозува нејзините пријателства и врска. Филмот беше голем критички и комерцијален успех, заработувајќи 326 милиони долари на светските киноблагајни.
Стрип, Хатавеј, Блант, Стенли Тучи, Трејси Томс и Тибор Фелдман ќе ги повторат своите улоги во продолжението. Новите членови на актерската екипа се Кенет Брана и Патрик Брамал, кои ќе ги играат партнерите на ликовите на Мерил Стрип и Ен Хатавеј.
На актерската екипа ѝ се придружуваат и Симон Ешли, Луси Лиу, Б.Џ. Новак, Џастин Теру, Лејди Гага и Полин Шаламет. Во филмот се појавуваат и бродвејските ѕвезди Хелен Џ. Шен и Конрад Рикамора и комичарот Кејлеб Хирон. Адриан Грение, кој го играше момчето на Андреа, Нејт, во оригиналот, нема да се врати за продолжението.
Режисерот на филмот од 2006 година, Дејвид Франкел, и сценаристката Алин Брош Мекена се враќаат за продолжението, како и продуцентката Венди Фајнерман. Мајкл Бедерман, Карен Розенфелт и Мекена се извршни продуценти. Филмот, дистрибуиран од 20th Century Studios, ќе пристигне во кината на 1 мај 2026 година.