Том Круз на конвенцијата CinemaCon во Лас Вегас изјави дека му биле потребни 40 години актерско искуство за да го достигне нивото каде што може да ја одигра улогата на екцентричниот нафтен тајкун, главниот лик од црната комедија Digger.
Том Круз ги покажа првите снимки од новиот филм, во режија на Алехандро Гонзалес Ињариту.
„Ми требаа 40 години за да се ставам во кожата на Дигер Роквел и да играм толку сложен лик“, рече Круз.
Снимките го прикажуваат 63-годишниот актер трансформиран во Дигер Роквел, постар човек со проретчена седа коса, стомак, длабок јужњачки акцент и склоност кон мачки.
Во филмот, Роквел ненамерно предизвикува еколошка катастрофа што го доведува светот на работ на нуклеарна војна, по што се обидува да ја спаси планетата.
Филмот на Warner Bros. треба да се појави во кината во октомври.
На сцената на Круз му се придружи четирикратниот добитник на Оскар, Алехандро Гонзалес Ињариту. Режисерот на Birdman и The Revenant рече дека тој и Круз првпат разговарале за филмот пред седум години.
Круз во тоа време го снимал Top Gun: Maverick. Тој рече дека е голем обожавател на филмовите на Ињариту и се возел со својот мотор до куќата на режисерот откако го поканил да разговара за новиот проект.
„Знаеме дека Том е бестрашен и целосно посветен на улоги, каскадерски сцени, авиони и скокови“, рече Ињариту. „Но, мислам дека оваа улога е различна од неговите вообичаени акциони филмови и бара поинаков вид храброст. Претпоставив дека ова може да биде еден од најголемите предизвици во неговата кариера“.
Круз беше и во Лас Вегас за да ги претстави другите претстојни филмови од Warner Bros. кои доживеаја голем комерцијален успех во изминатата година и освоија 11 Оскари.
Зендаја, Тимоти Шаламет и Џејсон Момоа го најавија Dune: Part Three, последниот дел од научно-фантастичната сага, кој треба да се појави во кината во декември. Дејството на филмот се одвива 17 години по настаните од вториот дел.