Стојан Вујичиќ за „Стела“

Се водев по човечкиот модел на семејство, не се идентификувам со балканскиот принцип

Изминативе неколку години забележуваме една досега невидено интензивна филмска продукција на македонски филмови, која резултираше со квалитетни дела кои добија европски и светски признанија.

Од „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески до документарецот „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов кој стигна и до две номинации за Оскар, македонскиот филм зазема нови уметнички, но и содржајни димензии.

Оваа пролет публиката ќе има можност да го види и првиот македонски семеен долгометражен филм за деца  - „Стела”, најавија режисерот Стојан Вујичиќ и продуцентот Огнен Антов.

Филмот помина низ двегодишни интензивни подготовки и снимање, а од продукциската куќа „Дрим фектори” се задоволни од досега снименото за овој игран филм. Снимањето се одвиваше на територијата на нашата држава -  во Скопје, потоа продолжи во живописниот Галичник, за да заврши во Штутгарт, Германија.

За првпат во македонската кинематографија, еден од најбогатите германски локални филмски фондови даде поддршка на македонски филм. Филмот „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ ја доби една од највисоките оценки, беше препознаен како проект кој има голем потенцијал, ја негува кинeмaтографијата за деца и семејство, ги негува европските вредности и се стекна со финансиска подршка од „МФГ Баден-Виртемберг”.

Како што соопштија од продукциската куќа „Дрим Фектори“ целта на МФГ е да ја промовира филмската култура и индустрија, како и културните и креативните индустрии во југозападниот дел на Германија. Тој, се вели во соопштението, е јавен промотор на културата и економскиот развој и обезбедува насочени мерки за поддршка на индустријата. Покрај финансиските средства добиени од „Агенцијата за филм на Република Северна Македонија“, филмскиот Проект „Стела“ поддршка добил и од „Филмскиот центар на Србија“, а спонзор на филмот е „Витаминка“.

Стојан Вујичиќ е еден од водечките македонски режисери, чиј опус вклучува бројни кратки играни и документарни филмови, и телевизиски проекти. Познат е по филмовите „Брат за еден ден“, „Допир“ и „Годините го чинат своето“, прикажувани и наградени на престижни филмски фестивали.

Понесени од позитивниот филмски бран и заинтригирани од најавите за „Стела“ и фактот дека се работи за првиот македонски филм кој се снимаше на еко-сет, разговаравме со режисерот Вујичиќ за приказната наречена „Стела“.

„Приказната во филмот е дека тие живеат во Штутгарт, во странство, таткото е Македонец, мајката е Германка. Филмското време на филмот е околу три недели. Детето е жртва на булинг на училиште, не бидејќи е Македонец, туку бидејќи глуми во една реклама и децата на училиште го исмејуваат поради тоа, има проблеми, ќе доживее и едно мало насилство во школо, а на сето тоа се надоврзува фактот дека неговите родители не можат никако да си ја најдат улогата, мирот и поради сето тоа тој ќе реши да избега во една земја за која татко му му зборувал, за некоја Македонија, за Галичник, и целото тоа нему му изгледа како некоја приказна, како бајка, но кога ќе стигне тука ќе го дочека една друга реалност во којашто ќе мора да се снаоѓа. Благодарение на неговата ѕвезда водителка – шарпланинец по име Стела – тој на крајот ќе има шанса да го заокружи семејството на еден позитивен начин. Никола ќе добие шанса тој и неговото семејство да успеат да се разберат. Во тоа ќе му помогне Стела, којашто мајчински ќе го присвои и ќе го штити“, во кратки црти објаснува Вујичиќ.

Тој исто така е презадоволен од атмосферата во која се снимал филмот, на сите локации и во сите услови.

„Морам да ја пофалам техничката екипа на филмот, беа супер. Актерите, беа навистина на нивото на задачата, одлично се работеше со нив. Особено со оглед на тоа дека дел од дијалозите во филмот се на германски јазик, на мое барање актерите ја исполнија беспрекорно таа задача, Петар и Дејан ги научија репликите, Кристина веќе зборуваше германски, секоја чест на екипата. Беше задоволство да се работи со секој член на екипата и сите меѓу себе одлично соработуваа“, со насмевка се присетува режисерот.

Како течеше процесот на добивање поддршка за една ваква деликатна, а сепак актуелна тема?

 -На почетокот, кога решивме да се занимаваме со оваа тема, се одлучивме за класичниот процес, кој бара многу време, но се покажа како правилен. Претходно снимивме два кратки играни филмови на теми коишто ќе бидат во големиот игран филм. Претходно беше направен „Брат за еден ден“ каде што се обработува едно семејство кое што се распаѓа, а потоа „Допир“, за семејство со дете со здравствени проблеми, некаква форма на аутизам, семејство кое не може баш да се снајде со детето, за на крај да дојдеме до тоа да напишеме сценарио за долг филм.

Снимање со дете и куче се едни од најтешките задачи, но се покажа дека добрата организација заврши работа, нели?

Со Ева Камчевска која е сценарист на филмот, рабтевме заедно од самиот почеток.По добивањето на финанисиска подршка од агенцијата за филм на Северна Р. Македонија, сценариото за филмот беше примено на Cinekid во Холандија на разработка. Мислам дека досега никој од Македонија не бил примен на работилницата за сценарија на овој фестивал Cinekid Script LAB. Тоа е за пофалба и не е за пофалба. Е за пофалба бидејќи сме успеале, а не е ,бидејќи има многу други кои имаат квалитетни работи и имаат што да покажат. Од Cinekid ни беше вратено, коригирано сценариото од ментори кои работеа на него. Е оттука веќе можете да стартувате и да барате нешто. Од српската Агенција за филм добивме финансиска поддршка, таму ни е копродуцент Јована Караулиќ, со која имаме соработувано и претходно на филмот „Ловци на вештерки“ The Witch Hunters  кој влезе во селекција на Санденс. И така сите контакти се изврзаа и на крај добивме поддршка од Германија, од Monafilm.

Овие теми на отуѓување, одродување, губење на поврзаноста меѓу генерациите, отуѓувањето на семејствата, некако лебдат во светската кинематографија веќе подолго време.

Знаете како, светската кинематографија е многу трендовски менлива. Да, мора да имате некои одредени поставени работи во филмот, на некој препознатлив филмски јазик, меѓутоа се менуваат тие трендови. Ова би бил окарактеризиран како филм што допира неколку табу теми – едната булинг во училиштата, на сѐ помала возраст, значи тоа веќе не е само во средно училиште. Детето е жртва на булинг од соучениците во основно училиште и на крај тој булинг се претвора во еден многу сложен процес. Доаѓаме до тоа дека семејствата се... едноставно секој си има проекција за тоа какво сака детето да биде. Мајката негова сака тој да биде многу успешен, како неа, да биде на позиција, да снима реклами... Таткото, од другата страна, e исто успешен, тој има синџир пекари, меѓутоа во нејзините очи тоа не е успех. Не сакав да ги претставам ликовите низ онаа социјална тема, дека се сиромашни и бедни, им се распаѓа куќата... не, тоа не го сакам. Тие двајца не можат никако да се најдат меѓу себе, таа си го брка својот сон, тој си го брка својот сон... детето е некаде на половина, ни прифатено, ни неприфатено, ни со правила, ни без правила, тоа доведува нормално до еден апсурд во кој самото дете тргнувајќи во потрага да биде прифатено такво какво што е, да му се признаат ограничувањата, но и да се пофали кога е добар и така натаму. Но тоа не го наоѓа и едноставно првиот импулс е да избега. Кај ќе бега? Во Македонија.

Во поглед на моделот на семејството, се водевте по европски, балкански или човечки модел?

Човечки. Ние со потекло од балкан не сме  луѓе кои си ги тепаат жените, па пиат по кафани ... , каков што е стереотипот за нас во светот ,овде има и те како квалитетни и зрели луѓе  ... Прво, јас не сум живеел таков живот и не се идентификувам со тоа. Нема ни потреба да се идентификувам со нешто што не ми се допаѓа ни етички, ни морално, ни како било поинаку. Едноставно, животот којшто јас сум го живеел не бил таков. По мене единствениот грев кој не може да го направите во кинематографијата ,кога снимате авторски филм во европски рамки, да се  обидувате да направите нешто што не сте го барем гледале, па не искусиле.

Се ризикува да се направи карикатура на целото тоа, нели?

Да, токму така. И уште нешто: Македонија во овој филм е прикажана без ѓубре, нема смог, нема чадови, нема гужви, убавата Македонија. Изградивме цел сет на Водно, тоа беше првиот еко сет воопшто во Македонија.

Како течеше процесот на пишување на сценариото?

Ева е човек кој нема куче дома. Прво, истражи сѐ врска со шарпланинци, какви се, како се дресираат, како живеат, што прават, коефициент на интелигенција, чуваат ли, не чуваат, имаат ли мајчински инстинкт, дали бркаат мечки... прво поминавме низ целиот тој процес. После тоа почнавме да истражуваме околу тоа какви се односите ако мајката е амбициозна, како тоа се одразува на семејството, ако таткото е амбициозен, ако двајцата се амбициозни, ако никој не е, сите можни разработки на однесувања, ама низ очите на детето. Филмот е и така раскажан. Ние ја следиме неговата судбина. Сите ликови околу мора да бидат избалансирани, ако замине ликот во некој екстрем мора да го објасните. Не е црно-бело, тој не живее во семејство што него не го сака, туку живее во одреден момент во којшто едноставно не му се вклопуваат сите коцки како што треба. Има многу мали детали што се важни за филмот (таткото не може да го направи лебот од детството, мајката добива нова работа...) но сѐ е изградено врз основа на истражување.

Колку од вас (екипата) како индивидуи има во овој филм?

Филмот е до некаде и биографски, од некои аспекти гледано бидејќи во создавањето на тој филм бевме вклучени јас, Ева и мојот продуцент Огнен Антов кој инаку е во функција на креативен продуцент. Таа тројка едноставно цело време истражуваше додека не дојде до еден задоволителен почеток, бидејќи самото снимање остава шанса да на лице место да доработите некои работи. Мора да знаете каде ќе завршите, почетокот е многу полесен. Крајот е многу сложена работа во кинематографијата. Јас досега во моите филмови само на едно место сум оставил незавршен крај. Овде мораше да има завршен крај. Ќе ви кажам и зошто. Сите ликови во филмот имаат одредена задача. Јас и Огнен, со кого работам веќе 15-тина години, пред многу години бевме на едно патување во Индија. Таму бевме во ашрамот на Шри Сатја Саи Баба, каде што изучувавме дел од Хинду философијата. Таму научивме дека ние имаме пет човекови вредности – ненасилство, правилно дејствување, мир/чистота, самоконтрола и вистина. Затоа има пет ликови во филмот кои овие пет работи ги обединуваат. Еве најпросто да го кажам: мајката треба да научи правилно да дејствува, дедото треба да научи што е ненасилство бидејќи тој не е насилен, но неговиот однос кон луѓето е насилен – не ги сака, се отселил далеку од нив на врвот на планината, детето мора да научи што е љубов, тоа не знае што е љубов, нему никој не му објаснил – тој е опсипан од љубов, но родителите му даваат љубов што само тие ја разбираат – и така секој си има своја цел.

Сакам да поразговараме за онаа првична тема што ја начнавме, отуѓувањето -живееме во свет во кој постојано ни кажуваат дека сме поврзани, а всушност сме многу оддалечени. Наоѓањето на своето место, меѓутоа во различни сфери. Не значи дека ако во една сфера сте си го нашле местото, дека и секаде се вклопувате, во секој мозаик. Ако на пример кариерно сте се реализирале, не значи дека и семејно сте се пронашле себе си.

Ако со вашиот начин на битисување и споделување на вашите вредности кон светот, да кажеме и универзумот, сте „поминале“ некогаш во животот, ниту значи дека сте во право, ниту дека треба тоа да го наметнувате, ниту дека вашиот начин е вистинскиот или единствениот.

Еве ако на спиритуален начин го гледаме филмот: сите наши навики стекнати во животот коишто ве довеле до одредена состојба на функционирање, не ви даваат право да ги применувате, не ви даваат право да ги наметнувате, да го нарушите просторот. Вие можете било што да кажете и да ми тврдите дека вашиот начин е таков и таков, но, кога вие имате уште една единка која зависи од вас и за која вие сте морално, етички, на секаков начин одговорни, таа единка, на среќа нејзина, има своја автономија. Проблемот лежи во тоа кога начинот на којшто вие сте дошле до вашите вредности се обидувате да го проектирате на некој кој не може тие вредности ни да ги разбере, а не па да ги усвои. Така, оттуѓувањето е прикажано на начин на кој јас сметам дека треба да се прикаже. Не е тоа физичко отуѓување, туку секој си е во својот свет и си го брани својот свет.

Да го опфатиме и еколошкиот момент на снимањето...

Милан Павлоски, нашиот директор на филмот, дојде во продукција и ни предложи дека е време да се воведе и таков стандард, покрај другите. Нам идејата ни се допадна и заедно со Огнен се ангажиравме да се направи еко сет. Што значи еко сет? Сите членови на екипата добија свое шишенце и од него си пиеја вода, наместо да се користат пластични чаши за еднократна употреба.

Еко 5 и Еко 6 стандард беа возилата  што ги користевме, така што емисијата на штетни гасови ја намаливме можеби на нула. Сите пушачи ги собираа отпушоците во посебни шишенца и секој си го носеше своето, без кеси, без ништо. Се надевам дека поставивме некој стандард. Сите прв пат работевме по овој принцип и се покажа како остварлив и функционален. Еднаш се објаснува, навиката брзо се стекнува и тука нема веќе што да се преговара.

 

 

реклама

Што ќе им донесе сезоната на Бикот на сите хороскопски знаци од 19 април до 20 мај?

Read more

Зошто треба прво да се испржи меленото месо, па потоа да се додаде кромид?

Read more

Зошто Александар Македонски не го нападнал Рим туку одел само на исток?

Read more

Најнеобичните цвеќиња што може да се видат на Земјата

Read more

Интервју

КАЈГАНА ЕКСКЛУЗИВА со Срѓан Драгојевиќ: Од поезија до филм и учеството на Саем на книга во Скопје

Read more

Дарија Андовска, деканка на ФМУ: Интелектуалецот треба и мора да биде општествено ангажиран

Read more

Монументалната архитектура како уметничка скулптура низ објективот на Ерина Богоева

Read more

Надија Реброња: Во Скопје се шета по ритамот на музиката на уличните музичари, а низ Вардар тече поезија

Read more
 

Ново

Силјановска-Давкова учествуваше на одбележувањето на 76-годишнината од прогонството на Македонците од Егеј

Читај повеќе

Бројот на палестинските жртви во Појасот Газа надмина 34.000

Читај повеќе

Што навистина значат боите на знамињата на САД, Италија, Германија и Грција?

Читај повеќе

МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга

Читај повеќе

Ерменија се согласи да врати делови од својата територија на Азербејџан

Читај повеќе

Сезона е на јагоди, направете тирамису од ова овошје и кокос

Читај повеќе

УЕФА го суспендираше Еми Мартинес

Читај повеќе
  • play_arrow

Апасиев од Титов Велес: Сиромашниот Албанец ни е поблизок од Кочо Анѓушев

Читај повеќе

Во вторник предизборен молк, до тогаш продолжува презентацијата на изборните програми

Читај повеќе