СЕДИ ДОМА И ЧИТАЈ ДЕКАМЕРОН

#СедиДома и читај новели: „Форезе и Џото“

„Декамерон“ на Џовани Бокачо е книгата која најдобро коренспондира на ситуацијата во која се наоѓаме. Затоа, нашата идеја вели да читаме барем по една новела секој ден за да си пополниме дел од времето кое сега го имаме и тоа како вишок.

Бокачо ја издал „Декамерон“ во 1353 година и таа претставува збирка на 100 новели. За време на чумата во Фиренца, група млади луѓе (7 жени и 3 мажи), се засолнуваат во една куќа надвор од градот и за да не им биде здодевно за секој ден определуваат крал или кралица кој ќе кажува што да прават. Во текот на тие десет дена сите десетмина секој ден раскажуваат по еден расказ на определена тема зададена од одговорниот на денот.

Петтиот наш избор е приказната за големиот правник и славниот сликар, едни од најгрдите на лик во нивното време.

„ФОРЕЗЕ И ЏОТО“

Онака како што судбината под најнедостојни занимања има обичај најголеми богатства да сокрие, така и природата понекогаш, најголемите гении во најгрдите тела ги сместила. Ова беше особено видливо кај двајца сограѓани од Фиренца. Едниот од нив го викаа господинот Форезе од Рабата1, низок и деформиран во ставата, со сплескано лице и тап нос, толку што би му се видел грд и на најгрдиот од семејството Барончи2, но имаше толку големи познавања на законите, што многубројни умни луѓе го сметаа за вистински извор на граѓанското право.

А другиот, кого го викаа Џото3, имаше толку возвишен талент, што немаше предмет во природата, која е мајка на сите нешта и одговорна за вечното движење на небата, а тој да не умее со јаглен, со перо или со четка да го наслика толку слично, што веќе да не изгледа сличен, туку како да е самиот тој предмет. Така, многу пати предметите од него насликани го прелажуваа човечкиот вид, па луѓето веруваа дека е вистинско она што всушност беше насликано. Затоа, бидејќи тој ѝ го врати достоинството на таа уметност, која беше закопана од сликарите, оти во текот на многу векови сликаа повеќе за да ги забавуваат очите на незнајковците, одколку да му удоволат на разумот на мудрите, заслужено може да се каже дека тој беше ѕвездата на сета фирентинската слава, а дотолку повеќе што со огромна скромност одбиваше да биде нарекуван маестро, иако на многумина им беше учител во оваа вештина. И таа титула толку посилно сјаеше кај него, колку што поалчно ја посакуваа и ја приграбуваа оние коишто знаеја многу помалку од него, или од неговите ученици. Сепак, колку и да беше неговата уметност возвишена, тој самиот ниту во ликот, ниту во ставата не беше ниту за влакно поубав од господинот Форезе.

Но, да се вратиме ние на новелата. Џото и господинот Форезе си имаа свои имоти во Муџело4, каде што господинот Форезе беше отиден да го посети својот имот за време на летниот одмор, кога дури ни судовите не работат. И додека јаваше на една слаба, изнајмена маска, случајно го сретна таму и споменатиот Џото, кој исто така беше отишол да си го види својот имот, па сега се враќаше во Фиренца. Ниту според коњот, ниту според облеката тој не многу поарен од него, а бидејќи и обајцата беа веќе стари, се здружија полека да јаваат еден покрај друг. Но, одеднаш, како што се случува на лето, ги изненади еден ненадеен дожд, па за да се засолнат, најбрзо што можеа, побегнаа во куќата на еден селанец, кого и обајцата добро го познаваа. По извесно време, гледајќи дека дождот нема намера да стивне, а тие сакаа да стигнат во Фиренца, позајмија од селанецот две стари наметки од грубо платно и две шапки целосно изабени од користење, оти немаше ништо поарно од тоа, па повторно тргнаа на пат.

Откако поодеа извесно време и се погледнаа целите мокри, но и извалкани со кал од прскањето на копитата, што секако не можеше да предизвика почит кај никого, кога малку стивна невремето и откако веќе предолго молчеа, почнаа да разговараат. Тогаш господинот Форезе, јавајќи и слушајќи го Џото, кој мошне убаво раскажуваше, почна да го посматра целиот, од глава до петици, па гледајќи го сиот кутар и беден, не помислувајќи на сопствениот изглед, почна да се смее и рече:

– Џото, да наиде сега некој туѓинец кој никогаш порано те нема видено, мислиш ли дека би поверувал оти ти си најголемиот сликар на светот, како што навистина си?

На ова Џото спремно одговори:

– Господине, мислам дека би поверувал, но само ако, гледајќи ве вас5, би поверувал дека ја знаете азбуката.

Кога го слушна ова, Форезе си ја увиде сопствената грешка и сфати дека убаво му вратија мило за драго.

1 Forese da Rabatta, прочуен правник и судија кој извршувал највисоки политички и административни функции во Фиренца во периодот меѓу 1320 и 1343 година.
2 Baronci, семејство од Фиренца познато по исклучителната грдотија на своите членови.
3 Giotto da Bondone (1226-1337), славен италијански сликар и градител. Од 1334 година раководел со изградбата на катедралата во Фиренца.
4 Mugello, област североисточно од Фиренца, од каде што потекнувале и Џото и Форезе.
5 Џото му се обраќа на Форезе со учтива форма, додека Форезе нему му зборува на „ти“, затоа што во она време сликарите сѐ уште биле сметани во редот на занаетчиите.

реклама

Книги

Граѓаните на ЕУ повеќе претпочитаат печатени отколку електронски книги

Read more

КАЈГАНА препорака: Зошто треба да го прочитате крими романот „Нож“ на Ју Несбе?

Read more

Промовирана монографијата 100 години Тиверија

Read more

Нов роман на Фросина Пармаковска

Read more
 

Магазин

Од 25 април почнува финансискиот успех за еден хороскопски знак

Читај повеќе

5 знаци кои покажуваат дека не јадете доволно

Читај повеќе

Милано размислува да забрани продажба на сладолед по полноќ

Читај повеќе

Дали можете да ги најдете сите 12 животни во оваа илустрација?

Читај повеќе

Храна што го намалува ризикот од дијабетес, рак и деменција

Читај повеќе

Три знаци кои ги откриваат нарцисоидните мајки

Читај повеќе

Личен тренер откри колку протеини дневно треба да внесуваме за успешно слабеење

Читај повеќе

Лекарка предупредува на 4 симптоми на смртоносен рак што не смее да се игнорираат

Читај повеќе

5 лекции што најуспешните деца ги учат од родителите

Читај повеќе