Книги
СЕДИ ДОМА И ЧИТАЈ ДЕКАМЕРОН

#СедиДома и читај новели: „Како Господ се вежбал да создава луѓе“

26. март 2020 - 20:10 | Ф.З.

„Декамерон“ на Џовани Бокачо е книгата која најдобро коренспондира на ситуацијата во која се наоѓаме. Затоа, нашата идеја вели да читаме барем по една новела секој ден за да си пополниме дел од времето кое сега го имаме и тоа како вишок.

Бокачо ја издал „Декамерон“ во 1353 година и таа претставува збирка на 100 новели. За време на чумата во Фиренца, група млади луѓе (7 жени и 3 мажи), се засолнуваат во една куќа надвор од градот и за да не им биде здодевно за секој ден определуваат крал или кралица кој ќе кажува што да прават. Во текот на тие десет дена сите десетмина секој ден раскажуваат по еден расказ на определена тема зададена од одговорниот на денот.

Осмиот наш избор е приказната за мудриот Микеле кој докажал дека грдото семејство Барончи е најстарото и најблагородното на светот. За грдоста на ова семејство се зборува и во новелата „Форезе и Џото“ која претходно ја објавивме.

„КАКО ГОСПОД СЕ ВЕЖБАЛ ДА СОЗДАВА ЛУЃЕ“

Не поминало многу време кога во Фиренца живееше еден млад човек по име Микеле Скалца, кој беше најљубезниот и најдуховитиот човек на светот и кој секогаш имаше во ракавот нови приказни за раскажување. Затоа, беше омилен кај сите млади луѓе во градот и сите сакаа да бидат во негово друштво. Еден ден, додека тој со некои свои другари се наоѓаше во Монтуги1, се разви меѓу нив ваква дискусија: кои се најблагородните и најстарите семејства во Фиренца; па едни велеа дека се тоа Уберти, а другите Ламберти и еден по друг, сите си го кажуваа своето мислење.

Слушајќи ги, Скалца се поднасмевна и рече:

– Ама ајде, недоветни едни, не знаете што зборувате. Најблагородни и најстари семејства, не само во Фиренца, туку на целиот свет и во Марема2, се Барончи и со тоа се согласуваат сите учени луѓе и секој оној што ги познава, како јас, на пример. А за да не помислите на некои други, да ве потсетам дека зборувам за Барончи, вашите соседи од Санта Марија Маџоре3.

Момчињата, кои очекуваа да им каже нешто сосема друго, штом го слушнаа, веднаш почнаа да му се потсмеваат и му рекоа:

– Ти се шегуваш со нас, како да не ги знаеме ние Барончи, барем онолку колку ти што ги познаваш.

Но, Скалца им одговори:

– Во Светото писмо се колнам дека не се шегувам, туку ви ја кажувам вистината. А, ако некој од вас сака во вечера да се обложи, која ќе ја добие оној што ќе победи, заедно со шестмина другари по негова желба, јас, еве, веднаш се обложувам. И не само тоа, согласен сум да пресуди оној што вие ќе го одберете.

Еден од присутните, по име Нари Ванини, му возврати:

– Јас сум подготвен да ја добијам таа вечера.

Се договорија судија да им биде Пјеро де Фјорентино, во чиј дом се наоѓаа и кому му раскажаа сѐ како што беше. Така и двајцата се упатија кон него, а сите други по нив, за да видат како ќе загуби Скалца, па да го задеваат.

Пјеро, кој беше мошне разумен млад човек, најпрвин ги слушна аргументите на Нери, а потоа се заврте кон Скалца и му рече:

– Добро, а ти, како ќе го докажеш тоа што го тврдиш?

Скалца одговори:

– Како? Ќе докажам така што не само ти, туку и оние што сега порекнуваат, ќе мора да признаат дека сум во право. Сите вие знаете дека семејствата, колку што се постари, толку се и поблагородни, та предмалку сите тоа го потврдија. А Барончи се постари од сите други, та затоа се и најблагородни, а штом ќе ви докажам дека се најстари, значи секако ќе го добијам и облогот. Би требало да знаете дека Барончи беа создадени од самиот Господ во времето кога Тој учеше како да црта, а сите други луѓе беа создадени откако го совладал цртањето. За да ве уверам дека ова е вистина, погледнете ги Барончи и погледнете ги сите останати, па додека кај сите останати ќе видите убаво оформени и сразмерно ускладени лица, ќе видите дека лицето на некои членови од семејството Барончи им е долго и тесно, а на други невообичаено широко; едни имаат премногу долг нос, други прекраток, на едни брадата им е шилеста и испакната нагоре, а други имаат муцка како на магаре. Ги има и такви на кои едното око им е поголемо од другото, како лицата нацртани од малите деца кога учат да цртаат. Затоа, како што веќе кажав, извесно е дека Господ ги создал Барончи додека учел да црта, така што е јасно дека се тие постари од сите други, а со тоа и најблагородни.

На ова и Пјеро, кој беше судија и Нери, кој понуди вечера и сите други кои се потсетија и ја слушнаа забавната аргументација на Скалца, сите заедно прснаа да се смеат и се согласија дека е Скалца во право и дека ја освои вечерата, т.е. дека навистина членовите на семејството Барончи беа најблагородните и најстарите на веков, не само во Фиренца, туку и во целиот свет, па и во Марема.

1 Montughi, ритче во околината на Фиренца, каде што се наоѓале вилите за одмор на богатите граѓани.
2 Maremma, област во Тоскана, близу Тиренското Море.
3 Santa Maria Maggiore, готска црква во Фиренца од крајот на 13 век.

Коментирај