Легендарниот украински фудбалер Андриј Шевченко (45) на Роберт Левандовски му подари капитенска лента во боите на Украина и побара од него да ја носи на Светското првенство во Катар, кое ќе се игра од 20 ноември до 18 декември годинава.
Поранешниот напаѓач на Динамо Киев, Милан и Челси му изрази благодарност на полскиот капитен во име на своите сонародници за поддршката на неговата земја по руската инвазија.
„Ви благодарам за сè. Она што го направивте ми го стегна срцето. Нашата земја ви е многу благодарна. Не можам ни да опишам со зборови. Сакам да ви се заблагодарам од срце за сè што правите за мојата земја Толку многу гестови, толку многу вистинска поддршка, добредојде на нашиот народ, тоа се работи со непроценлива вредност. Тешко ни е сега, но гледаме како ни помагаат нашите браќа од Полска. Ви благодариме од срце“, рече Шевченко со солзи во очите.
На средбата пред медиумите, која се одржа на теренот на Националниот стадион во Варшава, Левандовски изјави дека сочувствува со своите соседи.
„Беше природно веднаш да ве поддржиме. Вие сте наши соседи, а ние сме со вас. Вие се борите за слобода, а ние, знаејќи ја сопствената историја, знаеме колку е важна“, рече Левандовски.
Да потсетиме, напаѓачот на Барселона минатата сезона веќе ја носеше украинската лента како капитен на Баерн, а таа фотографија го обиколи светот.
Левандовски од почетокот на агресијата отворено застана на страната на Украина, а Полјаците одбија да играат меч против Русија пред ФИФА да ја исфрли од плејофот за Светското првенство во Катар.