Некогаш популарната и бунтовна пејачка Шинејд О’Конор, која се претставува под името Шухада Давит откако премина во ислам, ги врати нејзините обожаватели назад во 90-тите со исклучително емотивна изведба на нејзиниот најголем хит „Nothing Compares 2 U“.
Песната што ја напиша Принс излезе во 1990 година и за многу кратко време стана светски хит и денеска често се пушта на радио и ја преработуваат бројни музичари.
Во нејзиното гостување во The Late Late Show, О’Конор зборуваше за тоа како била создадена песната и за нејзиниот однос со покојниот легендарен музичар Принс.
Интересно е што Принс првично ја напишал песната за неговиот бенд „Фемили“, а „Nothing Compares 2 U“ се најде на вториот студиски албум на ирската пејачка.
О’Конор зборуваше и за тоа како Принс во една прилика ја нападнал откако ја снимила неговата песна. После тоа веќе никогаш не биле во добри односи.
Шинејд вели дека и денес кога ја пее песната, мисли на мајка ѝ која починала кога таа имала само 18 години.
Нејзините фанови емотивно реагираа на социјалните мрежи за изведбата на песната што за многумина беше „хитот на нивната младост“.