Фудбалерот на Шкупи, Андреј Лазаров, е една од жртвите во пожарот во дискотеката во Кочани.

Клубот од Чаир објави дека го повлекува дресот со бројот 77 кој го носеше Лазаров. Во објавата на социјалните мрежи клубот соопшти дека „ова е мал гест кој можат да го направат во овие тешки моменти“ и дека „договорот на Андреј Лазаров ќе биде до крај исплатен на неговото семејство“.
„Андреј Лазаров засекогаш ќе остане дел од историјата на ФК Шкупи, а овие одлуки донесени од раководството се мал знак на почит за оддавање чест на неговото сеќавање“, се додава во клупската објава.
Инаку, претходно и фудбалскиот клуб Тиквеш го повлече дресот со бројот 16, кој во минатото го носеше Лазаров во клубот од Кавадарци.
Лазаров во Шкупи дојде на крајот на летниот трансфер период и сезонава настапи на 8 лигашки и 1 куп натпревар.
Освен за Тиквеш и Шкупи во својата кариера настапуваше и за хрватските Рудеш и Горица, како и за Работнички, а играше и во младинските категории на скопски Металург, додека кариерата ја почна во клубот Кочани од родниот град.