Шненокле е десерт од австриско потекло кој одамна е присутен на Балканот. Многу е едноставен, а се прави од лесно достапни состојки што секојдневно ги консумираме.

Ова е постара верзија на рецептот, која не содржи пудинг и густин.
Постои слична варијанта на шненокле во Франција која се вика ил флотант (пловечки остров).
Потребни состојки:
- 1 литар млеко
- 4 јајца
- 2 лажици брашно
- 6 лажици шеќер
- 2 кесички ванилин шеќер
Подготовка:
Прво во широко тенџере на средна температура ставете го млекото што ќе го зготвите. Потоа одвојте ги белките од жолчките и изматете ги белките. Кога млекото ќе почне да врие, намалете ја топлината на најниско ниво и со лажица ставете ги белките во тенџерето. Кога ќе почнат да растат свртете ги на другата страна. Гответе кратко време и кога ќе бидат готови ставете ги кнедлите во садот во кој планирате да ги послужите.
Потоа тргнете го млекото од оган и додадете шеќер во жолчките. Добро изматете ги жолчките со шеќерот додека да добијат пенеста структура, а потоа додадете го брашното и повторно изматете. Во смесата ставете неколку лажици млеко и измешајте.
Следниот чекор е да го вратите млекото на шпорет и да ја додадете смесата на тивок оган. Мешајте додека не добиете погуста смеса. Кога ќе ја достигнете саканата дебелина, прелијте ја смесата врз белите кнедли и оставете ги да се изладат.