Македонската фудбалска репрезентација за играчи до 19 години која успешно го мина првиот круг квалификации, во последната фаза за пласман на ЕУРО ќе се бори со силните Шпанија и Белгија, како и со нашиот источен сосед Бугарија.
Предводени од селекторот Горан Станиќ, младите Македонци минатиот месец завршија втори во квалификациската група зад фаворитот Англија и пред Босна и Херцеговина и Луксемборг. Со тоа се изборија за пласман во наредната и последна фаза од квалификациите, наречена Елитна фаза.
Денеска беше направена жрепката за оваа последна фаза каде Македонија беше извлечена во групата 2 заедно со актуелниот шампион Шпанија, Белгија и Бугарија.
Квалификацискиот турнир ќе се игра во Шпанија од 25 до 31 март наредната година. Само првопласираната репрезентација ќе избори пласман на Европското првенство кое од 19 јули до 1 август ќе се игра во Северна Ирска и на кое ќе учествуваат само 8 репрезентации.
„Шпанија е актуелен Европски првак и апсолутен фаворит, посебно што турнирот ќе го организираат на свој терен. Во оваа фаза, едноставно нема лесни противници, кој и да се паднеше на извлекувањето за нас е вистински предизвик. Ќе се обидеме да се надигруваме, натпреварите се можност фудбалерите да се покажат во вистинско светло и да докажат дека имаат квалитет. Ќе биде вистински предизвик за нас и се надевам дека ќе го дадеме својот максимум“, изјави селекторот Станиќ за ФФМ.
Македонија никогаш се нема пласирано на завршницата во У19 категоријата. Не е првпат да стигне до Елитната фаза, но последната пречка никако да се мина. И овој пат ни претстои тешка задача бидејќи Шпанија и Белгија се големи фаворити.
Сите квалификациски групи:
1: Австрија, Велс, Германија, Србија
2: Шпанија, Белгија, Бугарија, Македонија
3: Грузија, Шкотска, Франција, Русија
4: Англија, Украина, Данска, Латвија
5: Италија, Норвешка, Исланд, Словенија
6: Португалија, Турција, Хрватска, Словачка
7: Холандија, Чешка, Швајцарија, Финска