И покрај универзалната кросовер манија, има седани чија популарност не опаѓа. BMW Серија 3 е една од нив.

Секој осми продаден BMW доаѓа од семејството на серијата 3, а најновата, седма генерација на моделот се покажа како особено успешна. Од 2019 година, повеќе од три милиони луѓе избраа седан (G20) или караван (G21). А за да продолжи успехот, дојде време за ново освежување.

Со првиот редизајн од 2022 година, кокпитот беше збогатен со заоблен екран, а сега доаѓаат нови освежувања. Во просек ќе платите околу 800 евра, па така 318i во Германија ќе чини 46.400 евра. За караваните минимумот е 47.700 евра. На другиот крај од спектарот е М3 со цена од 94.300 евра, односно 106.300 за M3 Touring.

Визуелно, Серија 3 воопшто не е променета. Сè е исто на ниво на она што беше претставено во 2022 година. Од техничка страна, купувачите на plug-in хибриди можат да сметаат на поголема батерија од 19,5 kWh, а со тоа и зголемен опсег, кој оди од 62 до 101 км. За жал, подостапниот 320e се повлекува, а останува само поскапиот 330e со 292 КС.

За мало потсетување, да речеме дека 318i и 320i се придвижувани од 2.0 бензинец со 156 КС и 250 nm, односно 184 КС и 300 Nm. Помоќна опција се нуди и со погонот xDrive, како и уште помоќниот 330i со 245 КС. Врвот во гамата е M340i со 3.0 бензински мотор, погон на сите тркала и 374 КС. Повеќе од тоа бара М3.

Дизелите остануваат во понуда, имено 318d (2.0/150 КС), 320d (2.0/190 КС), 330d (3.0/286 КС) и M340d (3.0/340 КС). Да не ги забораваме и plug-in хибридот и опциите за xDrive погон.
Во кабината, на листата на новитети, има нов волан со пресечено дно и конзола со помалку физички копчиња. Конечно, понудата вклучува две нивоа на опременост и бројни опции помеѓу нив. Без многу филозофија, баш како што треба.