Познатиот германски фудбалер и поранешен светски шампион Месут Озил (34) ненадејно стави крај на кариерата.

Озил, кој моментално е под договор со Башакшехир, реши да ја донесе оваа одлука по последниот меч со тимот од Истанбул.
Турскиот новинар Јакуп Чинар ексклузивно објави дека Озил нема намера да ја продолжи кариерата. Дури и ќе прекине среде сезоната, додека е под договор со Башакшехир.
Во последниот натпревар Озил беше стартер против Кајзериспор, но неговиот тим беше поразен со резултат 0:1. Тоа беше прв старт за поранешниот германски репрезентативец оваа сезона. Тој беше заменет на полувремето и очигледно реши дека повеќе не може да му даде многу на фудбалот и реши да се пензионира.
Германецот со турско потекло повеќе не се појавил на тренинг по натпреварот, а наводно ги известил соиграчите и клупските челници дека нема да му се врати на фудбалот. Тој побара раскин на договорот, кој е до јуни 2023 година, за да ја заврши кариерата.
Поранешниот светски шампион со Германија имаше одлична кариера. Играше за Реал Мадрид, Арсенал, Фенербахче, Шалке и Вердер, а за германската репрезентација одигра 92 натпревари и постигна 23 гола.
Озил во 2021 година премина од Арсенал во Фенербахче, при што „топџиите“ му платија значителна сума пари на играчот кој освои светска титула во 2014 година, за да го раскинат договорот.
Тој помина седум и пол сезони на „Емирати“ откако стана рекорден трансфер на клубот во 2013 година и му помогна на Арсен Венгер да ја заврши трофејската суша, при што стана играч кој најбрзо стигнал до 50 асистенции во Премиер лигата.