Пролетта е во полн ек. Сè цвета и расте околу нас. Доколку сакате да го декорирате работниот простор или да внесете малку романтичен дух во вашиот дом, одлучете се за каланхоја, еден од најпопуларните цветови од овој период, кој не бара многу грижа.
Ова зимзелено растение потекнува од Мадагаскар и можете да го најдете во различни бои: од црвена преку портокалова до жолта.
Цветовите обично траат помеѓу 4 и 6 недели, а листовите се бујни во текот на целата година. Може да достигне висина и до 30 сантиметри и затоа е идеално како украс на маса, биро или во помала просторија.
Добар избор е за подарок, бидејќи симболизира љубов, а се поврзува и со истрајност, бидејќи секоја година цвета со ист интензитет.

Најважно е растението да добие соодветна светлина, но премногу сонце може да му пречи. Најдобро е да го поставите на неколку метри од прозорецот. Тоа е идеална опција за оние што често отсуствуваат или немаат доволно време да се занимаваат со растенија во затворен простор, бидејќи не бара многу грижа. За да го извлечете максимумот од него, полевајте го растението на секои 8 до 10 дена или поретко со мала количина вода (почекајте почвата да се исуши пред повторно да се навлажни). Кога ќе процвета, нежно отсечете ги врвовите на стеблата со ножици и почекајте околу 6 недели. Ќе се појават нови пупки.
Обезбедете ѝ на каланхојата соодветна температура во просторијата (над 10 степени), а доколку сакате да ја украси вашата тераса или да го извадите во саксија во дворот, задолжително заштитете го од силни дождови и ветрови.

Сите делови на каланхојата се отровни доколку се проголтаат, па затоа треба да внимавате доколку имате домашни миленици.