Бранителот на светскиот трон, на Аргентина, се пласираше во полуфиналето на Светското првенство откако ја победи Швајцарија со 3:1 по продолженијата.
Аргентинците поведоа во 10-тата минута кога Алексис Мак Алистер постигна гол по нафрлување на Лионел Меси од корнер. Меси со прецизен центаршут го пронајде на првата статива, а аргентинскиот играч од средниот ред со глава ја затресе мрежата за водство од 1:0.
Одлична шанса прокоцкаа Швајцарците во 50-тата минута кога Бреел Емболо му намести на Дан Ндој сам пред Емилиано Мартинес, но овој премногу чекаше и дур се намести да шутира Лисандро Мартинес со лизгашки старт го блокираше.
Во 67. минута, Ндој сепак израмни на 1:1. Одигра брилијантна повратна со Рикардо Родригес, а потоа го совлада Еми Мартинес со прецизен удар откосо за израмнување.
Кога Емболо беше исклучен пет минути подоцна откако доби втор жолт картон поради симулирање, се чинеше дека Аргентина ќе ја искористи предноста од играч повеќе и ќе го реши натпреварот во регуларните 90 минути. Најсериозната шанса ја имаше Лисандро кога по полуножички биеше, но Грегор Кобел одбрани. Резултатот до крајот остана непроменет и натпреварот отиде во продолженија.
Швајцарците се бранеа добро во првото продолжение, но во второто конечно капитулираа.
Во 112-тата минута Хулиан Алварес постигна гол за 2:1, кога од 25 метри се намести на десната нога и со фантастичен удар ја собра пајажината од подалечниот агол.
Потоа Швајцарците ги фрлија сите свои карти во нападот, но по контранапад во 120+1 Лаутаро Мартинес постигна гол за конечни 3:1 откако налета на одбиената топка од Кобел по обидот на резервистот Тиаго Алмада.
Аргентина ќе игра мега пресметка со Англија во полуфиналето. Натпреварот ќе се игра во среда од 21:00 часот по македонско време на „Мерседес-Бенц“ стадионот во Атланта, Џорџија.