Клубот од гостиварското село Добри Дол сепак нема да се натпреварува во новата сезона меѓу второлигашите, откако испадна од елитата на македонскиот фудбал.
Како што пренесува веб-страницата на албански јазик Open-TV, од свои извори дознала дека Беса 1976 нема да биде дел од второлигашката сезона.
Клубот од Добри Дол беше шампион на втората лигта во сезоната 2023/2024 кога избори историски пласман во првата лига. Таму се задржа само една сезона оти лани играше бараж за опстанок против кумановски Башкими и го загуби со 2:0. Веднаш по поразот управата на Беса се огласи дека се повлекува од клубот. Локалните жители најавија дека ќе се обидат да го консолидираат клубот за барем да се натпреварува, но очигледно финансиите за такво нешто се имаат покажано како преголем залак.
Со откажувањето на Беса 1976 сега во втората лига се отвори едно место. Со оглед на тоа што до почетокот на сезоната има време (23 август), а ни жрепката не е направена, се активира Членот 54 од „Пропозиции - 2.МФЛ 2025/2026“, кој вели:
„Со правото за пополнување на повеќе од предвидените слободни места во 1.МФЛ, (пр. дисквалификација на подобро пласирана екипа, откажување и др.) редоследно се стекнуваат:
- екипите кои се поразени во бараж натпреварите, со жрепка;
- нареднопласираните (пример: второпласираните) екипи на табелите на третите лиги кои ги исполнуваат критериумите за лиценцирање, преку ждрепка“.
Ова значи дека Преспа од Ресен има право да го пополни испразнетото место, со оглед на тоа што овој клуб стар 106 години е единствен кој од сите што учествуваа во баражите не обезбеди второлигашки пласман. Преспа во баражот влезе како шампион на третата лига Југозапад и загуби со 3:0 од виничка Слога 1934 (шампион на Исток), а потоа немаше среќа во жрепката кога од трите поразени екипи две беа извлечени и наградени со второлигашко место (Осогово и Големо Коњари). Така, ова е практично трета шансаа за ресенчани.
По таквата несреќна судбина Преспа јавно се пожали, но и најави дека и наредената сезона ќе брка пласман во втората лига:
„ФК ПРЕСПА за неколку дена ќе прослави 106 години од своето постоење. Искрено се надевавме дека ќе го прославиме со влез во 2.МФЛ, меѓутоа се случија многу работи кои се под доза на сомнеж уште пред одигрувањето на бараж средбите, а и по жрепката за пополнување на 2.МФЛ. Сите овие работи ги оставаме зад нас, научивме многу и горди сме на нашите деца за резултатот што го постигнавме, со играчи кои потекнуваат од нашата школа. Продолжуваме во иднина уште поорганизирано и посилно кон зацртаната цел. Веќе договоривме неколку нови имиња за следната сезона, играчи со кои ќе го подигнеме квалитетот на повисоко ниво.
Како секоја година, пред почетокот на претстојната сезона ФК ПРЕСПА ги пушта во продажба годишните влезници. Вашата поддршка ни е неопходна и ни е потребна за равојот на клубот.“
Доколку Преспа одбие административен влез во втората лига, тогаш шанса ќе добијат второпласираните екипи од петте третолигашки групи, а тоа се: Фортуна (Север), Влазерими Ј (Запад), Евротип (Југозапад), Превалец (Југ) и Брегалница 1926 (Исток). Во зависност од тоа колку од нив ќе ги исполнат критериумите за лиценцирање, доколку се повеќе од една, патникот ќе се одлучи со жрепка.