Селекторот на репрезентација на Хрватска, Златко Далиќ, гостуваше во емисијата „Americana“ на HRT и го коментираше натпреварот со Португалија и односот на ФИФА кон „Ватрените“.
Како што истакна, Хрватска не била еднакво третирана на Светското првенство како другите големи репрезентации, а тоа особено било очигледно против Португалија.
„Погледнете го тој натпревар, 4 или 5 фаули врз Будимир, на ист начин: дефанзивецот го зграпчува со рацете, го соборува, не досудува фаул. Не свири пенал, ВАР го вика. Влашиќ не се помрдна, само го блокираше играчот со рацете, немаше интензитет за пенал, и убеден сум дека ако ситуацијата беше обратна, немаше ни да го гледаат. Но, бидејќи тоа е приказната за Хрватска, која, за жал, повторно се потврди“, рече Далиќ.
„Го кажувам ова неколку години, го истакнувам статусот на Хрватска кај ФИФА, па не добив поддршка за тоа. Но сега, сите овие одлуки што се случуваат, и овој црвен картон, и сè заедно, ми даваат право и потврдуваат дека бев во право кога зборував за тоа. И знаете дека бев единствениот селектор во светот кој не гласаше во изборот на ФИФА неколку години, дека тоа беше мој револт, па дури и тогаш не бев поддржан на најдобар начин во сето ова“, додаде тој.
Далиќ отиде дотаму што дури тврдеше дека Хрватска ѝ пречи на ФИФА.
„Но, еве, сега доаѓам до она што го кажувавме: им пречиме, им ја расипавме забавата двапати, нема шанси да нѐ остават по трет пат да се доближиме, и тоа дефинитивно е случај. Велам, мораше да ја поминеме групата и да ја поминеме Португалија, не поминавме, наша вина, но дефинитивно не сме добредојдени кај нив, и тие нема да дозволат Хрватска да испише приказна трет пат по ред“, заклучи Далиќ за HRT.
За потсетување, Хрватска беше елиминирана од Светското првенство во осминафиналето против Португалија по драма во судиското надополнување.
„Ватрените“ израмнија на 2:2 во 13-тата минута од надополнувањето, но голот беше поништен откако сензор во топката откри дека Игор Матановиќ ја допрел топката што била насочена кон Марио Пашалиќ, кој во тој момент беше во офсајд.
За потсетување, Хрватска на претхопдноуте два Мундијала стигнуваше до самиот крај. Во 2018 во Русија играше финале губејќи го со 4:2 од Франција, а во Катар 2022 беше елиминирана во полуфиналето и на крајот ја освои бронзата.