ФИФА очекува рекордна заработка од Светското првенство во 2026 година, што не е ни чудо кога ќе се натпреваруваат 48 екипи, но Американците решија да заработат баснословни суми пари на ставка која досега беше речиси занемарлива.
Според The Athletic, Американците одлучиле да заработат милиони долари продавајќи паркинг места за време на натпреварите, со оглед на тоа што нивната цена ќе биде дури и повисока од билетите за натпреварите на претходните Светски првенства.
Светското првенство во 2026 година ќе се одржи во САД, Мексико и Канада во 16 градови. Цените за паркирање во пет градови се моментално познати, а тие се движат од 75 до 175 долари по натпревар.
На стадионите „Хард Рок“ (Мајами), „Ароухед“ (Канзас Сити), „Жилет“ (Фоксборо) и „AT&T“ (Арлингтон) цените за паркинг место се 75 долари за групната фаза и осминафиналето, 100 долари за осминафиналето, 145 долари за четвртфиналето и 175 долари за полуфиналето или натпреварот за третото место.
На „Линколн Фајненшл Филд“ во Филаделфија цените за паркирање се уште повисоки, 115 долари за групната фаза и 145 долари за осминафиналето.
Цените за паркирање за стадионите во Атланта, Лос Анџелес, Сан Франциско, Сиетл, Гвадалахара, Мексико Сити, Монтереј, Ванкувер, Хјустон, Торонто и Ист Радерфорд, каде што ќе се игра финалето, сè уште не се објавени.
Цените за паркирање се многу повисоки од билетите за натпреварите на Светското првенство 2022 во Катар - паркинг место од 75 долари за групната фаза во 2026 година чини повеќе од билет од трета категорија за кој било натпревар од групната фаза на Мундијалот 2022 во Катар, кој изнесуваше 69 долари.
Се очекува ФИФА да заработи повеќе од 13 милијарди долари од Мундијалот 2026.