Фудбалската федерација на Македонија објави листа со 4 напревари за кои од УЕФА добила информации дека се сомнителни поради уплати во обложувалници.
„Информираме дека во насока на целосна транспарентност и со цел објективно информирање на јавноста, ги споделуваме дописите добиени од Одделот за интегритет при УЕФА. Станува збор за дописи кои се однесуваат на неколку натпревари од домашното првенство и контролни/пријателски натпревари, за кои се евидентирани нерегуларности поврзани со уплати во обложувалници“, соопшти ФФМ.
Оттаму додавата дека ФФМ тесно соработува со одделот за интегритет на УЕФА и со надлежните државни институции во рамки на своите надлежности, со цел целосно расчистување на сите наводи и сомнежи.
Станува збор за следниве натпревари:
Охрид Лихнидос - Тетекс 4:3 (2.МФЛ 11. коло)
Струга - Башкими 6:0 (1.МФЛ 15. коло)
Башкими - Шкендија 1:3 (1.МФЛ 16. коло)
Работнички - Охрид Лихнидос 8:2 (пријателска)
Од ФФМ додадоа дека во моментов постојат индиции и за уште неколку натпревари, меѓу нив и мечот Башкими - Вардар Неготино втора лига од минатата сезона одигран на 24 март. „Поради чувствителноста на процесот и во интерес на истрагата, дополнителни информации ќе бидат споделени со јавноста кога предметите ќе бидат во понапредна фаза“, велат од ФФМ.
„Потенцираме дека ФФМ не е истражен орган, туку постапува согласно добиените информации и во координација со институциите кои имаат законска надлежност за понатамошно постапување.
Федерацијата се осврна и на мечот Кожуф - Башкими од минатата сезона, кој беше поништен, неколкумина добија суспензии, но конечен епилог сѐ уште нема. „Како што е веќе познато, истиот е во судска постапка. Од тие причини, во интерес на истрагата не сме во можност да споделуваме било какви информации.“