ФФМ останува на своето: Ако спонзорот на Шкендија сака да се повлече, тоа е нивна одлука и ќе ја почитуваме

Фудбалската федерација на Македонија реагираше на реакцијата на Шкендија чие раководство се закани дека доколку останат во сила драконските казни можно е спонзорот на клубот да се повлече од државава.

Фото: ФФМ

Тетовскиот клуб објави соопштение во кое најави дека спонзорот Ecolog разгледува повлекување од инвестирањето во македонскиот фудбал. „Доколку ФФМ не ја повлече оваа одлука, тогаш ние како спонзор сериозно ќе размислиме за понатамошно продолжување, бидејќи оваа одлука ги крши правата и политиките на клубот“, стои во соопштението на Шкендија.

Потсетуваме, ФФМ драконски ја казни Шкендија за исвиркувањето на државната химна пред финалето од Купот на Македонија кое тетовскиот клуб го загуби со 1:0 од Силекс, како и за тоа што тимот не се појави на церемонијата за доделување на медалите. Вкупната парична казна гласи 105 илјади евра плус исфрлање од Куп натпреварувањето за следната натпреварувачка сезона 2026/2027.

Во прилог целосната реакција на ФФМ:

„Со жалење констатираме дека ФК Шкендија наместо да преземе одговорност за инцидентите што се случија на финалниот натпревар од Купот на Македонија, повторно сме сведоци на обид вниманието да се пренасочи кон ФФМ и нејзините одлуки.

Никакви уцени, притисоци или закани нема да ја поколебаат Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во намерата да стави крај на дивеењето на трибините, без разлика од кого доаѓа. Почитувањето на противникот, навивачите, законите и државните симболи е обврска за сите и нема да има исклучоци. Правилата мора да важат подеднакво за секој клуб, секој поединец и секој субјект во македонскиот фудбал.

Настапите и финансиската корист од пласманот во европските натпреварувања не се обезбедени преку која било друга држава или федерација, туку преку учеството и успесите во македонското првенство и натпреварувањата организирани од ФФМ. Сите привилегии, придобивки и финансиски бенефити што ги уживаат клубовите се резултат на учеството во македонскиот фудбалски систем и натпреварувањата во рамки на ФФМ.

Уште понејасно е како денес се оспорува начинот на водење на федерацијата, кога токму со истото тоа раководство клубот минатата сезона ја освои шампионската титула и оствари историски резултати на европска сцена. Ако тогаш системот бил добар и праведен, тешко е да се објасни зошто денес е проблематичен само затоа што е донесена одлука што некому не му одговара.

Од првиот ден, новото раководство и претседателот на ФФМ подаде рака за соработка кон сите клубови и чинители во фудбалот. Намерата беше да се градат партнерски односи, меѓусебна доверба и заедничка визија за развој на македонскиот фудбал. За жал, од раководните структури на Шкендија во повеќе наврати добивме арогантен, самобендисан и потценувачки однос, кој не придонесува за градење партнерство и меѓусебна почит. Но, тој избор е нивен. Иако, би било добро да знаат дека ароганцијата понекогаш се враќа како бумеранг.

Во јавноста слушаме амбициозни најави за големи засилувања, европски успеси и нови проекти. Но, истовремено слушаме и закани за повлекување од фудбалот секогаш кога дисциплинските органи ќе донесат одлука што не е по нечии очекувања. Таквиот пристап остава впечаток дека некои лесно ги прифаќаат придобивките од системот кога победуваат, а многу потешко ги прифаќаат правилата и одговорноста кога ќе се соочат со санкции.

Во однос на најавите за можно повлекување на спонзорот, тоа е нивна деловна одлука и ФФМ ќе ја почитува. Но никој не треба да очекува дека преку такви пораки ќе влијае врз одлуките на федерацијата или нејзините органи.

Правилата се исти за сите клубови, без разлика како им се вика спонзорот, колкава е неговата финансиска моќ или какво влијание некој верува дека поседува. Потенцирањето на името на спонзорот во соопштенија, јавни настапи и заеднички состаноци не го фасцинира ова раководство на Федерацијата, ниту претставува аргумент што може да влијае врз дисциплинските одлуки. Интересно е што и последното соопштение беше подготвено и објавено во доцните вечерни часови, во стил кој очигледно треба да демонстрира сила и важност, 'типично за голем клуб'. Но, големината на еден клуб не се докажува со соопштенија, притисоци или повикување на финансиска моќ, туку со одговорност, достоинство, скромност и почитување на правилата.

Нема повеќе како досега. Завршено е времето кога некој можеше да верува дека неговата позиција, влијание или финансиска поддршка му обезбедуваат поинаков третман. Денес важи само еден принцип. Исти правила за сите. Тоа е основата на спортската правда и единствениот пат по кој ќе се движи ФФМ.

Со години во јавноста се пласираше порака за посебна моќ и влијание. Но, времето кога некој можеше да верува дека за него важат поинакви правила е завршено. Доколку некој смета дека неговото име, финансиска моќ или придонес му обезбедуваат привилегиран третман, тогаш суштински не го разбира принципот на спортската правда. Во македонскиот фудбал нема недопирливи.

ФФМ нема да носи одлуки под притисок, ниту ќе дозволи уцени да влијаат врз работата на нејзините органи. Сите клубови се важни за македонскиот фудбал, сите имаат свои заслуги и сите заслужуваат почит. Но, никој не е над правилата.

Со ова ја сметаме темата за затворена. Интегритетот на натпреварувањата, почитувањето на законите, достоинството на спортот и еднаквиот третман за сите остануваат принципи од кои ФФМ нема да отстапи. Правилата ќе важат за сите, вклучително и за ФК Шкендија и нејзиниот спонзор. Без исклучок.“

реклама

Топол воздух од Сахара доаѓа во Европа, температурите ќе достигнат 47°C

Read more

Реакција на Русија за пристапувањето на Македонија во Коалицијата на волните

Read more

Откриено живо суштество старо 2.300 години на дното на морето 

Read more

Зборови вредни повеќе од медал: Јамал откри што му рекол Меси по финалето

Read more

Фудбал

Ибра за коментаторската „тезга“: Прв и последен пат

Read more

Зошто интернетот одеднаш го хејта Меси?

Read more

Македонските лавови од Престон со епски пресврт го исфрлија Њукасл Џетс од Купот на Австралија

Read more

Модриќ е на чекор до историски рекорд во дресот на Милан

Read more

Спорт

  • play_arrow

Ибра за коментаторската „тезга“: Прв и последен пат

Читај повеќе
  • play_arrow

Зошто интернетот одеднаш го хејта Меси?

Читај повеќе

Фабио Куартараро ќе вози за Хонда

Читај повеќе
  • play_arrow

Македонските лавови од Престон со епски пресврт го исфрлија Њукасл Џетс од Купот на Австралија

Читај повеќе

Модриќ е на чекор до историски рекорд во дресот на Милан

Читај повеќе

Меси: Болката е огромна… Ви благодарам… Честитки до Шпанија

Читај повеќе

Познато е зошто Чеферин го бојкотираше финалето на Светското првенство

Читај повеќе
  • play_arrow

Олмо за однесувањето на Аргентинците: Освен Меси, другите чекаа причина за да се тепаат

Читај повеќе

Зборови вредни повеќе од медал: Јамал откри што му рекол Меси по финалето

Читај повеќе