Довчерашниот прволигаш Беса 1976 и официјално нема да биде дел од второлигашката конкуренција во новата сезона, потврди ФФМ.
„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја информира јавноста дека ФК Беса 1976 АД Добри Дол официјално прати известување до ФФМ дека нема да настапува во втората македонска фудбалска лига во сезоната 2025/2026“, соопшти ФФМ.
Од клубот ги информирале дека во текот на денешниот ден до ФФМ ќе ја достават и формалната одлука од Бордот на директори со образложение за постапката.
Со оглед на тиоа што утре е жрепката за утврдување на распоредот за новата сезона, ФФМ е во цајтнот да одлучи што ќе преави. Според правилата, односно Член 54 од „Пропозиции - 2.МФЛ 2025/2026“ (за што пишувавме вчера), местото треба да ѝ биде понудено на ФК Преспа од Ресен, како единствен третолигашки победник кој остана без пласман во втората лига.
„Во однос на понатамошните чекори, ФФМ ќе донесе одлука дали и како ќе биде постапено со испразнетото место во лигата. ФФМ ќе ја донесе конечната одлука до утрешното извлекување на распоредот за новата натпреварувачка сезона“, информира ФФМ.
Според правилата, доколку Преспа ја одбие понудата, местото треба да им биде понудено на второпласираните екипи од петте третолигашки групи. Доколку нема заинтересирани, или никоја не ги исполнува условите, сезоната може и да продолжи со 15 наместо 16 учесници.
Новата сезона в втората лига почнува на 23 август.