Дефанзивецот на Севиља, Кике Салас (23), се најде во центарот на истрагата под сомнение за поврзаност со нелегално обложување. Според шпанските медиуми, вклучувајќи ги Marca и порталот El Confidencial, Салас на своите пријатели им давал информации врз кои ги базирале своите облози, вклучувајќи и совети да се обложуваат на неговите настапи.
El Confidencial објави пораки на WhatsApp кои наводно потврдуваат дека Салас им препорачувал на своите пријатели да се обложуваат на жолти картони, кои потоа тој намерно ги добивал. Според тие наводи, тој овозможил исплата на добивки во неколку наврати.
Националниот полициски центар за интегритет во спортот и борба против обложување (CENPIDA) се занимава со случајот од јануари, а токму во текот на тој месец Салас беше приведен како дел од истрагата, и тоа во клупскиот тренинг-центар.
Истрагата имаше директно влијание врз неговата кариера, бидејќи му пропадна трансферот во Лацио. Казната за ваквото однесување може да достигне до 3 години затвор, но постои можност казната да се намали доколку се постигне договор со засегнатите обложувалници. Бидејќи неговите постапки не влијаеле на конечниот резултат од натпреварите, постапката не се води под сомнение за местење на резултатите.
Според достапните информации, пријателите на играчот заработиле вкупно околу 9.000 евра во 6 наврати, а секој добитен облог бил поврзан со картони што ги добил Салас.
Самиот играч наводно немал директна финансиска корист, туку го искористил својот статус на професионален фудбалер за да им овозможи на другите да остварат профит.
Централниот дефанзивец сезонава во Ла Лига одигра 30 натпревари на кои доби 6 жолти картони и ниту еден црвен.