На денешната прес-конференција, по повод објавувањето на последниот список на репрезентативци годинава, селекторот Благоја Милевски зборуваше за претстојните натпревари.
Македонија оваа 2025 година ја затвора со пријателски меч против Латвија во Скопје и гостување кај Велс во последното одлучувачко коло од квалификациите за пласман на Мундијалот 2026, во кои се бориме за второто место во групата. Бараж Македонија има обезбедено преку Лигата на нации, но ако обезбеди со второто место во групата тоа ќе значи подобра позиција при жрепката.
„Списокот е речиси идентичен со претходниот, со дополнување на Димоски, Трапановски и Ќамили, кои не беа со нас во октомври. Се надевам сите ќе останат здрави и подготвени за повикот во понеделник. Ни претстојат контролен меч со Латвија и последниот квалификациски натпревар против Велс, добра можност за мини подготовки пред важниот предизвик“.
На новинарско прашање зошто списокот е ист ако по октомврискиот меч со Казахстан селекторот имаше забелешки за играта на одредени фудбалери, кои тогаш не ги именува, Милевски одговори:
„Немав забелешки по дуелот со Казахстан, сите одиграа на високо ниво. Промените во текот на мечот беа тактички, во функција на тимот. Мечот со Латвија ќе го искористиме за да им дадеме шанса на играчите со помала минутажа и да пробаме одредени идеи, секако, важен е и за ФИФА ранкингот и идната жрепка.“
Останува проблемот со минутажата на репрезентативците во своите клубови. Радува тоа што Елмас синоќа беше стартер во Лигата на шампионите за Наполи и го одигра целиот натпревар, но многу други се резервисти.
„Без разлика на тоа што мал дел од фудбалерите имаат континуирана минутажа во клубовите, секогаш даваат максимум во дресот на Македонија. За мене тие се феномени. Да играш на вакво ниво без ритам, е за почит. Секој си го заслужил местото во репрезентацијата.“
Милевски нема да може да смета единствено на Езѓан Алиоски, кој се врати во форма откако потпиша за Лугано и беше еден од најдобрите на натпреварите во септември и октомври.
„Жал ми е што ќе недостига Алиоски, тој е важен за нас, но ова е шанса за другите да се наметнат. Против Велс одиме со ист пристап, без калкулации, со желба за победа и докажување дека Македонија со право е меѓу најконкурентните во баражот за Мундијалот“, изјави селекторот Милевски.
Македонија наредниот четврток од 18 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје игра со Латвија, додека во вторник, на 18 ноември, гостува во Велс.