Квалификацискиот натпревар за Светското првенство 2026 година меѓу Србија и Албанија, кој требаше да се игра во Белград на 11 октомври, е преместен во Лесковац поради безбедносни причини, соопшти денеска Фудбалскиот сојуз на Србија.
Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) го одобри барањето на Србија за преместување на натпреварот со согласност на Албанија.
„Главната причина е безбедноста, не само за навивачите, туку особено за играчите и сите вклучени во овој натпревар. Ваквиот натпревар претставува највисоко ниво на ризик и бара целосна контрола за да се избегнат инциденти, како оние што се случија на неодамнешните натпревари меѓу двата тима“, објасни Фудбалскиот сојуз на Србија во соопштението.
Потсетуваме дека за време на квалификацискиот натпревар за ЕУРО 2016, дрон со знаме на кое се промовираше „Голема Албанија“ прелета над теренот, предизвикувајќи негодување кај српските навивачи кои потоа упаднаа на теренот, што доведе до прекин на натпреварот.
Албанија беше прогласена за победник со резултат од 3:0, а двата тима се сретнаа повторно една година подоцна во Елбасан, Албанија, под силно обезбедување.
Србија моментално е трета во Групата К, зад второпласираната Албанија и првопласираната Англија.