Манчестер Сити загуби со 1:2 во третото коло од Премиер лигата на гостувањето кај Брајтон и покрај тоа што водеше на крајот од првото полувреме.
По натпреварот, Пеп Гвардиола рече дека имало многу нешта што му се допаднале.
„Примивме два гола. Игравме добро еден час. По голот заборавивме да играме. Размислувавме за последиците“, изјави Пеп Гвардиола за BBC по поразот на Манчестер Сити од Брајтон.
„Ми се допадна многу од она што го направивме. Како против Тотенхем, почнавме добро. Ми се допаѓа многу од она што го направи тимот, но не можевме да победиме. Кога примивме гол, едноставно престанавме да играме. Ова е само еден натпревар. Сезоната штотуку започна. Имаме долга, долга сезона пред нас. Ќе видиме што ќе се случи“, додаде тренерот на Манчестер Сити.
Сити врза два последователни порази, а по репрезентативната пауза, се соочува со Манчестер Јунајтед.