Талентиран играч од средниот ред кој досега настапуваше за младинските репрезентации на Полска во иднина ќе настапува за родната Белгија оти бил цел на расистички напади откако постигнал гол токму во полскиот дрес.
Есам Абделхамид е 15-годишен фудбалер на ПСВ од Ајндховен. Роден е во Белгија, но настапуваше за Полска оти неговата мајка е Полјачка, додека татко му е Египќанец.
Настапувајќи за репрезентацијата до 16 години на Полска, откако постигнал гол директно од слободен удар против Грција, наместо да се израдува бил цел на расистички напади од дел од публиката, но и нa социјалните мрежи по мечот. Причината е неговото име и презиме, кое е арапско, а не полско.
Веднаш донел одлука да не настапува повеќе за Полска, земјата на неговата мајка, и се префрлил кај Белгија која веднаш го повикала.
Полскиот новинар Камил Павелчик објави дека Абделхамид дефинитивно ѝ свртел грб на татковината на неговата мајка, откако го прифатил повикот од белгиската федерација за натпреварите на репрезентацијата до 16 години во ноември. Според извори блиски до младиот фудбалер, „Полска изгуби огромен талент – засекогаш“.
Абделхамид игра на позицијата дефанзивен играч за врска. Иако дури во септември наполни 15 години, тој моментално настапува за тимот на ПСВ до 17 години. Во септември, го потпиша својот прв професионален договор со холандскиот клуб, кој важи до јуни 2029 година.
Бидејќи станува збор за младински национални селекции, неговата репрезентативна иднина сè уште не е дефинитивно одредена. Абделхамид поседува египетски, полски и белгиски пасош, што значи дека сè уште може да избира меѓу овие три земји.