Селекторот на Македонија, Гоце Седлоски, денеска по објавувањето на списокот одржа прес-коннференција на која образложи за дел од повиканите играчи.
Македонија овој месец ја чекаат последните два натпревара од оваа крајно лоша сезона во Лигата на нации. Репрезентацијата не само што е без ниту еден освоен бод, туку и нема постигнато гол не само во Лигата на нации, туку во цел мандат на новиот селектор.
„Игравме со двете репрезентации и знаеме за какви селекции станува збор. Треба да ги поправиме грешките што ги направивме на првиот натпревар со Шкотска. Од играчите барам да има трчање, желба и дисциплина во играта. Шкотска е силна репрезентација, но резултатите што се зад нас треба да ги заборавиме. Во овие два натпревара сакаме да се поправиме. Ова е список на фудбалери кои имаат минутажа во своите клубови и затоа се одлучив за овој состав“, истакна Седлоски.
Веројатно најголемо изненадување на списокот привлече отсуството на Бојан Миовски. Но, ако се погледнат убаво причините, и не е изненадување.
„Миовски подолго време немаше минутажа во Ренџерс, па затоа се одлучив за овие четворица напаѓачи. Тој не е избришан од составот. Кога ќе има поголема минутажа и ќе настапува редовно, повторно ќе добие повик. Нема тука лутење, и јас кога не сум играл не сум бил повикуван. Така ќе продолжам во овие натпревари. Оние што не настапуваат во тимовите, нема да бидат повикувани“, појасни селекторот.
Седлоски се осврна и на односот кон репрезентацијата од одредени играчи. Не е задоволен од залагањето, но не појасни дали тие играчи сега не се повикани, или се на списокот и како педагог ќе се обиде да им даде последна шанса да го променат односот.
„Малку и односот треба да се поправи кога ќе се дојде тука. Доста беше доаѓање тука за шетање, да одиграме и да си заминеме. Се знае дресот како треба да се облече и како да се носи. Нема да дозволам играчи од страна да се видат со роднини, со пријатели, да одиграат по 90 минути и да си заминат во своите клубови“, одлучно додаде Седлоски.
Во однос на единствениот дебитант, напаѓачот Марко Ѓорѓиевски од тетовска Шкендија, кој последново коло го постигна својот прв лигашки гол, селекторот рече:
„Сакам да го видам Марко Ѓорѓиевски, сум го тренирал порано. Беше повреден и сакам да видам што може да даде за националниот тим.“
На списокот повторно не се најде единствениот напаѓач кој всушност е во гол форма, а тоа е Илија Несторовски. За него селекторот се правдаше дека сака да ја подмлади репрезентацијата, а третиот најдобар стрелец во хрватската лига (7 голови + 2 во купот) има полни 36 години.
„Несторовски е во добра форма, но сакам да подмладувам и да внесам некоја нова енергија во тимот. Нема да отстапувам од тоа.“
Првиот предизвик е Шкотска и тоа на гости, пред гласната шкотска публика кој секој меч ги полни трибините и дава безрезервна поддршка.
„Со Шкотска и со Швајцарија не бев задоволен на домашните натпревари. Немавме шанси, не одигравме агресивно. Со Швајцарија и со Словенија таму одигравме добро. Имавме неколку шанси, но не ги реализиравме, а кога нема да искористиш такви шанси, тогаш противникот ќе те казни. Сега мислиме само на мечот со Шкотска. Знаеме дека имаат фанатична публика која ги носи. Таму ќе има 60.000 гледачи. Сум играл таму и знам дека ако не влеземе агресивно, и ако се плашиме, тогаш подобро да не излеземе на терен. Треба секој фудбалер да даде повеќе од максимум за да имаме успех.“
Селекторот во септември 2009 година како капитен ја предводеше Македонија на квалификацискиот меч за Мундијалот 2010 на „Хампден Парк“ во Глазгов против Шкотска. Тогаш Шкотланѓаните победија со 2:0 со голови во второто полувреме. Првиот гол падна токму по негово невнимание кога иако ја имаше позицијата дозволи Скот Браун пред него да се намести и да ја удри топката со глава. И при вториот гол беше невнимателен. Џејмс МекФаден прелесно се прошета покрај него, му ја протна низ нозе и излезе сам пред голманот.