Репрезентациите на Англија и Аргентина ќе се сретнат во полуфиналето на Светското првенство вечерва во 21 часот.
Ова е жесток дуел помеѓу две земји кои не се сакаат, најмногу поради војната на Фолкландските Острови во 1982 година. Непријателството помеѓу Аргентинците и Англичаните е отворено нагласено во нивните медиуми, а за оваа тема зборуваше и аргентинскиот селектор Лионел Скалони.
„Реалноста е дека ова е само фудбалски натпревар. Не смееме да мешаме војна и фудбал, особено од почит кон сè што се случи во последните години. Тоа е тажен период во нашата историја. Различни работи се случуваат низ целиот свет токму сега. Самиот факт дека се војува секогаш се критикува“, рече аргентинскиот селектор пред натпреварот.
Овие две земји водеа војна во 1982 година за Фолкландските Острови, кои се наоѓаат источно од аргентинскиот брег во Атлантскиот Океан. Англичаните ја добија таа војна. Загинаа 649 аргентински војници и 255 британски војници.
Аргентинците веруваат дека имаат право на Фолкландските Острови, односно Малвинските Острови како што тие ги нарекуваат, и тука се разликува нивното размислување од она на Англичаните, благо речено. Според референдумот од 2013 година, жителите на Фолкландските Острови сакаат да останат под Обединетото Кралство, 99,8% од нив гласаа за таа опција.