Селекторот на Шкотска, Стив Кларк, ги повика навивачите да не се задолжуваат за да ја бодрат репрезентацијата на претстојното Светско првенство во Канада, САД и Мексико.
Се очекува само 8% од билетите да им бидат достапни на навивачите на Шкотска, популарните Тартан Арми, за натпреварите против Хаити и Мароко во Бостон и против Бразил во Мајами, во групната фаза на Светското првенство. Шкотската Фудбалска асоцијација изрази надеж дека бројот на билети за шкотските навивачи ќе се зголеми.
ФИФА е цел на жестоки критики поради прескапите билети за турнирот, кој ќе се одржи од 11 јуни до 13 јули 2026 година. И селекторот на Шкотска смета дека билетите се скапи.
„Ќе биде скапо. Но, секако е скапо да се оди во Америка. Билетите се скапи. Ако можете да одите таму, ако можете да си дозволите да одите таму, тоа е фантастично, но не се задолжувајте премногу за да одите. Тоа е турнир на ФИФА, тие одлучуваат што ќе одлучат“, изјави Кларк за BBC Scotland.
Цените на билетите за натпреварот против Хаити ќе бидат 134, 298 и 372 фунти, додека за натпреварот против Мароко ќе чинат 136, 320 и 447 фунти.
Цените на билетите за дуелот со петкратниот светски шампион Бразил, на 24 јули, се 198, 373 и 523 фунти. Шкотската ФА доби само 3.736 билети за тој натпревар иако капацитетот на „Хард Рок“ стадионот во Мајами е 64.767 гледачи.
Кларк рече дека се надева оти навивачите „кои патуваат на далечни места“ ќе можат да добијат билети по прифатливи цени бидејќи „заслужуваат да бидат таму“.