Турската фудбалска федерација (ТФФ) суспендираше повеќе од 1.000 фудбалери како дел од растечкиот скандал со обложување, вклучувајќи го и дефанзивецот на Галатасарај, Ерен Елмал'.
Елмал' издаде соопштение за да ја објасни својата вмешаност во случајот откако беше отстранет од составот на Турција кој се подготвува за мундијалските квалификации против Шпанија и Бугарија.
25-годишниот фудбалер изјави на Instagram дека пред околу пет години се обложил на натпревар во кој во тоа време не учествувал неговиот тим. Тој и неговиот клупски колега Метехан Балтаџ' се меѓу 1.024 фудбалери кои ТФФ во понеделникот ги проследи до дисциплинската комисија.
Федерацијата објави дека третата и четвртата лига од натпреварувањето ќе бидат суспендирани две недели, додека натпреварите во Супер лигата, во која актуелен шампион е Галатасарај, и втората лига ќе продолжат според планот.
Турскиот фудбал е потресен од истраги за широко распространето обложување меѓу судиите, а сега и меѓу играчите, што е строго забрането според правилата на ФИФА.
Според извештаите, во обложувањето учествувале повеќе од 150 судии, вклучувајќи 7 од елитната категорија и 15 асистенти од највисоко ниво.
Претседателот на прволигашкиот клуб Ејупспор, како и поранешниот сопственик на Кас'мпаша, кои веќе се испрашувани, исто така се под истрага.
„Наша должност е да го подигнеме турскиот фудбал на нивото што го заслужува и да го исчистиме од сета нечистотија“, рече на прес-конференција пред две недели претседателот на федерацијата Ибрахим Хаџиосманолу.